МВР Билтен Кривични пријави за дрога, три лица каснати од куче скитник

Сподели

 

На 19.09. и 20.09.2023 на место викано Рамно на планината Скопска Црна Гора, во заедничка акција на  Одделот за криминалистичка полиција, Единицата за брзо распоредување при Одделот за специјални полициски операции, СВР Скопје, Шумска полиција и Јавното претпријатие „Национални шуми“, од слобода биле лишени С.А.(28), Р.А.(22), Џ.А.(24), Е.А.(37), Б.С.(39), Д.А.(51), Ќ.А.(53), С.А.(47), Џ.С.(34), сите од с.Брест и Б.М.(27) од с.Арачиново, скопско.  Лицата биле затекнати на местото при бесправна сеча на дрва и притоа биле пронајдени околу 400 кубни метри исечено огревно дрво. На местото биле пронајдени четири товарни возила натоварени со огревно дрво, едно патничко возило, три моторни пили и други предмети  кои биле користени за сеча на дрвата. Возилата, дрвата и другите предмети биле одземени за понатамошна постапка, а лицата биле задржани во полициска станица и со нив бил извршен службен разговор.
По целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител против лицата ќе биде поднесена кривична пријава по член 226 од Кривичниот законик.

На 20.09.2023 во 17.20 часот на регионалниот пат Старо Нагоричане-Пелинце, општина Старо Нагоричане, полициски службеници од Полициското одделение Старо Нагоричане го лишиле од слобода Д.С.(27) од Велес. При контрола на товарно возило „ман“ со велешки регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени 44 мигранти од Палестина, Ангола, Конго, Судан, Пакистан, Гана и Сенегал, меѓу кои и малолетници. Д.С. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.

На 20.09.2023 во 19.15 часот на улица „ЈНА“ во Гостивар, полициски службеници на СВР Тетово – Одделение за внатрешни работи Гостивар лишиле од слобода малолетник од Тетово, а во 22.40 часот го лишиле од слобода и Б.А.(18) од тетовско Селце.  Двајцата се сомничат дека околу 18.30 часот на улица „Мајор Чеде Филиповски“ во Гостивар на 58-годишен гостиварец му одзеле пари и побегнале. По преземени мерки, малолетникот набрзо бил фатен, а подоцна и Б.А.. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 20.09.2023 во Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода Г.Д.(33) од Битола. При претрес во неговиот дом, извршен со наредба од Основен суд Битола, биле пронајдени и одземени три ќеси, односно околу половина килограм марихуана. Лицето било приведено во полициска станица Битола, по што било предадено на судија на претходна постапка, кој му определил мерка притвор.  

На 20.09.2022 во 15.00 часот во Скопје, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода А.А.Г.(21) од Скопје. При претрес во неговиот дом на подрачјето на Аеродром, извршен со судска наредба, била пронајдена и одземена марихуана. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 20.09.2023 во 18.50 часот во тетовско Непроштено, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 34-годишниот А.Ш. од истото село. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени марихуана и дробилка. Тој бил задржан во Полициската станица Тетово и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.  

На 20.09.2023 во Полициската станица Радовиш бил извршен службен разговор со Ф.Б.(70) од Радовиш. Тој се сомничи дека на 19.09.2023 во 17.00 часот предизвикал пожар на место викано „Раклишки чаири“, во атар на село Раклиш, радовишко, при што била опожарена сува трева, родни дрва и тополи. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Радовиш, а повредени лица нема. Во службен разговор Ф.Б. го признал делото и за случајот бил запознаен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 20.09.2023 околу 21.35 часот на локален пат во тетовското село Камењане, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 26-годишниот А.И. од ова село. При негов и преглед на патничко возило „опел астра“ со тетовски регистарски ознаки, кое го управувал, била пронајдена и одземена марихуана. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе му биде изготвен соодветен поднесок.

На 20.09.2023 во 21.30 часот во Полициската станица Неготино, во присуство на родители, бил извршен службен разговор со малолетник од Неготино, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 20.09.2023 во Битола, полициски службеници од СВР Битола го привеле С.Ј.(31) од Битола затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (20.09.2023) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 174 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 24 санкции, 20 мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикл. Изречени се девет мерки за користење мобилен телефон при возење, пет санкции за некористење сигурносен појас…

На 20.09.2023 во периодот од 10.00 до 14.00 часот на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Тетово спроведена е акциска контрола на однесувањето на возачите кон пешаците, односно дали и колку тие им даваат предност. При контролата биле откриени и санкционирани вкупно 18 прекршоци (ТЕ-15 и ГВ-3), а кои во најголем број се однесувале на непропуштање пешаци на обележани премини. На возачите-прекршители изготвени им се поднесоци со законски предвидените глоби од 250 евра во денарска противвредност. Покрај тоа, тие ќе се соочат и мерка – времено одземање на возачките дозволи од три месеци до една година. Во контролата биле санкционирани и 8 други  сообраќајни прекршоци (ТЕ-6 и ГВ-2).

На 20.09.2023 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 20 прекршоци, сите во населено место. Санкционирани биле и 31 други видови на прекршоци, од кои 8 за управување возило без возачка дозвола, 1 за нерегистрирано возило, 1 за управување возило под дејство на алкохол, 2 за недавање првенство на минување на пешаци, 2 за некористење сигурносен појас, 4 за користење мобилен телефон и 13 за непрописно паркирање.

На 20.09.2023 во 16.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосница од ул.„Индира Ганди“ и ул.„Бутелски венец“ во Скопје, патничко возило „нисан“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Р.Б.(57) од с.Дејковец, удрило во велосипед, управуван од малолетник од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетникот, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 20.09.2023 во 17.20 часот во Полициската станица Центар, А.Д.(22) од Скопје пријавила дека на бул.„Кочо Рацин“ во Скопје била касната од куче скитник.

На 20.09.2023 во 20.22 часот во СВР Битола било пријавено дека во с.Кравари, битолско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „рено“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Б.К.В.(45) од Битола и мотоцикл без регистарски ознаки, управуван од Т.К.(26) од с.Кравари, кој потоа удрил во паркирано возило „опел“ со битолски регистарски ознаки, сопственост на О.К. од с.Кравари. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Клиничка болница Битола. Увидот на местото на несреќата извршила увидна екипа на СВР Битола.

На 20.09.2023 во 13.15 часот во Полициската станица Аеродром, А.А.(31) од Скопје пријавил дека на ул.„Хаџи Трајко“ во Скопје неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.

На 20.09.2023 во 10.29 часот во СВР Битола било пријавено дека на крстосница од ул.„8 Септември“, ул.„Филип Втори Македонски“, ул.„Прилепска“, ул.„Македонски Гемиџии“ и ул.„Новачки пат“ во Битола, товарно возило „ман“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Б.В.(63) од с.Ношпал, општина Могила, удрило во пешакот М.В.(72) од Битола. Притоа, М.В. се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничка болница Битола. Увид на местото на несреќата извршила увидна екипа на СВР Битола.

На 20.09.2023 во 14.30 часот во Полициската станица Карпош, С.П.(21) од Скопје пријавил дека на ул.„Иван Цанкар“ во Скопје бил каснат од куче скитник.