МВР му поднесе кривична на Миле Јанакиески за незаконска продажба на државни станови

Сподели

Прилепската полиција поднесе кривична пријава против поранешниот министер за транспрот и врски, Миле Јанакиески, кој се товари дека на две лица незаконски им овозможил да купат државни станови во Прилеп по повластени цени, со што го оштетил државниот буџет за околу 2,6 милиони денари или околу 42.000 евра, соопшти денеска МВР.

Покрај Јанакиески, кривични пријави се поднесени и против Д.Р. (64), нотар од Прилеп, С.Т. (63), поранешен државен правобранител, и В.Ј. (51), актуелна државна правобранителка, кои се осомничени бидејќи не извршиле надзор и не презеле мерки за заштита на државниот имот.

Како што информираат од МВР, кривичната пријава на прилепската полиција е поднесена до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое ќе го истражува случајот.

Според пријавата, Јанакиески и другите тројца осомничени се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување.

Како што информираат од МВР, првоосомничениот Јанакиески во периодот од 2007 до 2010 година, спротивно на одредбите во Законот за продажба на општествени станови и без одлука на Владата, склучил договори за продажба на станови во т.н. пензионерски згради во Прилеп, на улицата Димо Наредникот, на лицата З.А. и Д.Р., кои претходно ги користеле становите врз основа на решенија издадени од Сојузот на борци и од Сојузот на пензионери.

„Второпријавениот, по занимање нотар, третопријавениот, поранешен државен правобранител, и четвртопријавената, актуелен државен правобранител, во својство на овластени лица кои требало да ја испитаат законитоста и дозволеноста на склучувањето на предметните договори, не презеле мерки и пропуштиле надзор за заштита на државниот имот на Република Македонија, со што им овозможиле на овие лица да извршат откуп на становите по повластени цени, со што го оштетиле буџетот на Република Македонија во вкупен износ од 2.595.976 денари“, стои во соопштението на МВР.