МВР: Уште пет кривични пријави за настаните во Собранието

Сподели

Единицата за насилен криминал при Секторот за внатрешни работи – Скопје до Основно јавно обвинителство – Скопје (ОЈО) денеска поднесе кривични пријави за уште пет лица за настаните во Собранието, за кои постојат основи на сомневање дека извршиле кривично дело „Учество во толпа што ќе изврши кривично дело“, пренесува Anadolu Agency (AA).

Според соопштението на МВР, новите кривични пријави се поднесени врз основа на прегледани видео записи добиени од медиумски куќи, како и видео записи од безбедносните камери во Собранието на Република Македонија.

Со тоа вкупно 20 лица добија кривични пријави за настаните што се случија во четвртокот на 27 април во Собранието на Република Македонија.

Кривично пријавени се лицата Д.П. (33) од Скопје, Т.Т. (53) од Куманово, В.Т. (40) од Скопје, И.С. (44) од Велес и В.Ц. (33) од Скопје, кои со употреба на физичка сила, насилно влегле во Собранието во време кога се одржувала прес-конферецијата за избор на претседател на Собрание при што со употреба на физичка сила и закани сториле насилства спрема луѓе и оштетиле имот.

„Откако пријавените влегле во салата 3 во Собранието на Република Македонија, И.С. со фантомка на главата упатувал закани и пцовки кон присутните со што кај нив предизвикал страв и загрозеност, по што ја извадил фантомката и не преземал други дејствија, Т.Т. со тупаници ги нападнал пратениците и фрлал со тврди предмети кон нив и нивното обезбедување, В.Т. со лакт ја удрил пратеничката Р.Ш. во пределот на грбот, а со ПП апарат прскал дел од пратениците кои биле во близина на лифтовите. Пријавениот В.Ц. кон претседателот на СДСМ упатувал пцовки и закани, притоа употребувајќи разни заканувачки гестикулации, а Д.П. со тупаница го нападнал пратеникот А.Г., а навредувал и други пратеници и присутни”, соопшти МВР.

Од МВР велат дека Секторот за внатрешни работи Скопје во консултација и соработка со Основното јавно обвинителство Скопје и понатаму презема мерки и активности со цел идентификување и документирање и на други лица учесници во настаните случени на 27.04.2017 во Собранието на Република Македонија, за што јавноста дополнително ќе биде известена.

Потсетуваме дека вечерта на 27 април, по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, од страна на парламентарното мнозинство предводено од Социјалдемократскиот сојуз, во хаотична ситуација, демонстрантите симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ кои се собраа пред зградата на Парламентот, влегоа на сила во зградата. Како резултат на насилството од страна на демонстрантите кон пратениците, беа повредени околу 100 луѓе, вклучувајќи и пратеници, полицајци и претставници на медиумите.