Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во моментов има отворено седум истражни постапки, во кои осомничени се 60 лица, додека вкупната бројка на предистражни постапки се зголемува, изјави денеска портпаролката на СЈО, обвинителката Ленче Ристоска.
Голем дел од предистражните постапки, како што посочи обвинителката, се фокусирани на случаи на финансиски криминал, за чие финализирање е потребно повеќе време.
Одговарајќи на новинарско прашање, Ристоска рече дека засега не може да се прејудицира кога ќе биде поднесено и првото обвинение и потврди дека има извесен притисок поради приближувањето на рокот од 18 месеци во кој специјалната обвинителка Катица Јанева, според Законот за СЈО, мора да поднесе обвинение или да нареди заприрање на истражна постапка.
– Точно е дека рокот изминува, но кога можеме да очекуваме обвинение е прашање на кое не можеме да дедеме прецизен одговор бидејќи тоа зависи од обемот на доказниот материјал. Засега не би можеле да прејудицираме со никакви датуми – рече Ристоска.
Во врска со материјалите што лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ги достави до СЈО, на крајот од минатата година, Ристоска инофрмира дека според нивната статистика, на обвинителите ќе им биде потребна околу една и пол година за да ги преслушаат сите аудиоснимки.
– Имаме примено 540.646 аудиозаписи. Да земеме дека во просек еден аудиозапис трае 90 секунди, нашите анализи покажуваат дека за 220 работни дена, 11 обвинители, доколку три часа дневно слушаат од матаријалите, ќе им треба повеќе од година и пол само да ги преслушаат материјалите. Тука, секако, ќе треба да се земе предвид дека е потребно да се соберат соодветни докази во насока на анализа на материјалите, така што можеме да кажеме дека оваа состојба говори дека рокот е нешто што нè пристиска. Верувам дека ќе се направат напори да се најде механизам за да се надмине оваа состојба – вели обвинителката на СЈО.
Ристоска посочи дека од септември, кога СЈО, според планот, треба да се пресели во нови простории во објектот на Агеницијата за млади и спорт, кој се реновира, ќе добијат и посебен софтвер, кој треба да помогне во анализата на прислушуваните разговори.
На СЈО ќе му треба повеќе од година и пол да ги преслуша сите прислушувани разговори