Комисијата за еднакви можности на жените и мажите одржа јавна расправа на која се дискутираше за Нацрт-национална стратегија за превенција и заштита од родово базирано насилство врз жени и семејно насилство 2026 – 2033, чија основна цел е намалување на родовите нееднаквости и унапредување на системот за превенција и заштита од родово базирано насилство.
Како појдовна основа за изработка на стратегијата беа земени анализата на меѓународната правна рамка, релевантните препораки, како и наодите од евалуацијата на имплементацијата на Акцискиот план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство за периодот 2018 – 2023 година.

Јавната расправа ја отвори претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Жаклина Пешевска, која ги поздрави присутните и ја истакна важноста на темата. Таа нагласи дека станува збор за прашање што ги засега сите граѓани и ги повика присутните активно да учествуваат со свои предлози, критики и мислења. Во своето обраќање истакна дека Собранието мора да обезбеди еднаков и правичен третман за сите граѓани и дека нема компромис кога станува збор за насилството.
Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, ја презентираше стратегијата, како и нејзината правна и институционална рамка. Тој посочи дека од исклучителна важност е зајакнувањето на системот за пристап до правда и потенцираше дека насилството врз жените претставува сериозно кршење на човековите права. Притоа нагласи дека државата нема да има толеранција за ваквите појави и дека институциите продолжуваат со засилени напори за елиминирање на сите форми на насилство врз жените.
Во продолжение беше презентирана содржината на стратегијата, нејзините цели и методологија, по што следеше отворена дебата, која придонесе кон размена на мислења и предлози во насока на унапредување на финалниот документ.


