Вести Македонија

Никој не знае (или не кажува) кога и дали Владата има седници

Сподели:

vlada-na-rm

Јавноста во Македонија воопшто не знае дали и кога Владата заседава, што одлучува и кога вообичаено има седници. Многу ретко има соопштенија од типот „Владата на денешната седница донесе одлука… “ или „Владата денеска расправаше…“, а никогаш најави дека, на пример, „Владата утре…“.

Зошто Владата не објавува соопштенија од седници и кога тие се одржуваат го прашавме и нејзиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев, но тој не ни одговори на прашањето.

Исто толку тајновита и штура е и веб-страницата  на Владата, на која последната седница за која има податоци е од 14 август годинава (по поплавите во Скопско од 6 август, кога е одлучено за целосно обештетување на настраданите семејства).

Инаку, се зборува дека редовен термин кога се одржуваат седници е вторник или тоа беше случај до 29 октомври 2014 година, кога околу 22 часот проектили со поголем калибар завршија во фасадата на зградата на Владата.

Оттогаш во јавноста се појавија неофицијални информации дека Владата нема да одржува седници само во вторник, а денот и часот нема јавно да ги соопштува.

Причината за ваквата одлука, наводно, беше да се спречат идни вакви случувања.

За разлика од кај нас, во Србија, на пример, педантно и уредно се најавува секоја седница, а по нејзиното завршување, во најкраток рок, се објавуваат одлуките што биле донесени. Исто така, педантно и транспарентно се објавени и седниците што ги одржала хрватската влада. На веб-страницата на владата на Република Бугарија се објавува и дневниот ред на седниците на владата, а потоа и соопштенија од исходот.

Инаку, во член 7 од Законот за владата стои дека:

(1) Владата е должна да ја информира јавноста за својата работа и за реализација на програмата од член 6 на овој закон.

(2) Владата нема да објави информации што се однесуваат на националната безбедност, службена и деловна тајна, како и на личните податоци на граѓаните согласно со законот со кој се уредува заштитата на личните податоци на граѓаните.

(3) Прашањата кои се однесуваат за начинот на информирање на јавноста за работата на Владата, се уредуваат со деловникот. 

meta.mk

Сподели: