Вести Македонија

Ноември ќе биде „најсудски“ месец во годината

Сподели:

sudstvo

Следниот месец во Кривичниот суд во Скопје се закажани и треба да се одржат рочиштата од судските процеси што предзвикуваат најголем интерес во јавноста, меѓу кои судењето за „Пуч“, за настаните во Општина Центар од јуни 2013 година, за „Диво Насеље“ итн.

Речиси сите судења се за случаи кои имаат директна или индиректна врска со прислушуваните разговори, протестите и со политичката криза во земјава. Меѓу обвинетите се лидерите на двете најголеми политички партии, а обвиненијата против нив ги застапува Специјалното јавно обвинителство, кое треба да го има своето деби во судницата.

  •  1 ноември – Треба да се одржи рочиштето за случајот „Пуч“, во кој меѓу обвинетите се поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Зоран Верушевски, и лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Овој случај е во надлежност на Специјалното јавно обвинителство. Единствен сведок во „Пуч“ е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски. (Инаку, според договорот меѓу СЈО и судот, доколку рочиштето не се одржи на 1 ноември, следното ќе биде на 3 ноември, а во случај и тогаш да биде одложено, следниот термин е 7 ноември);
  • 3 ноември – Продолжува судењето за случајот „Диво Насеље“, односно за настаните од 9 и 10 мај минатата година;
  •  10 ноември – Закажано е судењето против новинарот и сопственик на порталот „Буревесник“, Зоран Божиновски. Тој се товари за злостроничко здружување, шпионажа и за уцена;
  • 14 ноември – Судење на активистот Павле Богоевски, кој е обвинет дека за време на протестите на „Шарената револуција“ го оштетил објектот каде е сместено Министерството за култура;
  • 21 ниември – Закажан е почетокот на судењето за случајот наречен „Шамарите во Општина Центар“. Првообвинети во слулајот се лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кои се товарат за поттикнување и за организирање на насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година. „Шамарите во Општина Центар“ е едно од двете први обвиненија што ги поднесе СЈО;
  • 22 ноември – Треба да се одржи рочиштето од случајот „Поткуп“, во кој обвинет е лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој се товари за барање поткуп од 163.924 евра, од струмичкиот бизнисмен Иван Николов-Сачевалиев за приватизација на државно земјиште.

meta.mk

Сподели: