Новата учебна година со поквалитетно образование, со нови учебници и мотивирани наставници

Сподели

 

 

Основците ја почнуваат новата учебна година во реконструирани училишта, со нови нагледни средства и помагала за кабинетска настава, со целосно нови учебници за 3-то и 6-то одделение, од кои најголемиот дел ќе се испорачаат пред стартот со наставата, а помал дел во текот на септември. Во средното образование одобрени се нови 150 учебници, најголем дел за средно стручно образование, кои етапно се печатат и доставуваат до учениците. Фокусирани сме и на мотивација на наставниците кои наскоро ќе добијат ново зголемување на платите, со што за период од 1 година, кумулативниот раст на нивните лични примања достигнува над 35%. Сите овие елементи значат подигнување на квалитетот на наставата, креативноста и интеракцијата меѓу учениците и наставниците, нагласи министерот за образование и наука Јетон Шаќири на прес-конференцијата пред почетокот на учебната 2023-2024.

Посакувајќи им на учениците успех во стекнувањето нови знаења, но и повеќе дружење и спортување, министерот Шаќири рече дека новата учебна година ќе трае до 17 јуни, а во периодот од 29 април до 5 мај ќе биде пролетниот распуст.

„Добри училишни резултати се постигнуваат во добри услови. Затоа ова лето изведовме реконструктивни активности во 56 училишни објекти. Ја подобруваме енергетската ефикасност, пристапноста на училишните простории за учениците со попреченост, хигиенско – санитетските услови, во што вложуваме 4,5 милиони евра. Дополнително, во тек е изградба, односно доградба на уште 4 нови објекти. Се гради крило во ОУ „Димитар Поп Беровски“ во Хром, општина Ѓорче Петров,  нов училишен објект во населба Визбегово, општина Бутел, се врши доградба и надградба на училишен објект во Долно Јаболчиште, општина Чашка, каде се гради и нов објект за подрачното училиште во с. Согле“, појасни министерот.

Министерството и Владата даваат приоритет на условите во образованието, и годинава, како и изминатите две, одвоија годишен буџет за капитални инвестиции од над 16 милиони евра, односно 1 милијарда денари, а реализацијата на капиталните инвестиции е одлична и минатата година беше над 94%.

Осврнувајќи се на платите на наставниците, Шаќири објасни дека во 2022 и 2023 година тие се зголемени за 18,4%,.

„Зацртавме политика на цврста поддршка на наставниците, и со неа продолжуваме. Најавувам дека наскоро ќе имаме ново зголемување на платите на наставниците, со што, за период од околу една година, со сите покачувања, платите на наставниците ќе имаат кумулативен раст за над 35%“, укажа Шаќири.

Тој наведе дека во фаза на тестирање е замената на постојниот електронски дневник со целосно ново софтверско решение, изготвено со поддршка на ЕУ преку ИПА фондовите. Посебно го нагласи зголемувањето на поддршката за учениците со попреченост кои посетуваат настава во редовните основни училишта.

„Пред 2 години почнавме со 500 образовни асистенти, лани беа 720, а од септември ќе бидат ангажирани над 800 образовни асистенти“, рече министерот.

Шаќири посочи дека континуираните вложувања на Министерството и Владата за обезбедување квалитетно образование ќе имаат многу подобри резултати доколку сите чинители придонесуваат кон надминување на предизвиците.