НСДП: Преговорите на партиите да бидат јавни и да се водат во Собранието или на МРТВ

Сподели

nsdp-logo

Преговорите меѓу претставниците на четирите политички партии потписници на Договорот од Пржино, наместо во актуелниот формат, зад затворени врати, да бидат јавни и по можност да се водат или во Собранието или во студио на националниот радиодифузен сервис – МРТВ, бараат од Нова социјалдемократска партија (НСДП).

Оттаму велат дека водењето на преговорите зад затворени врати не „доведе до разврска на политичката криза“, а секој од учесниците „го соопштуваше и го соопштува само својот став и го напаѓа ставот на другите учесници“, поради што македонската јавност, особено оној дел кој не е поддржувач на ниту една од партиите учесници во преговорите, „не можеше и не може јасно да го дознае и препознае ставот на ниту една страна“.

„За македонската јавност да може реално да ги увиди и согледа ставовите на политичките партии во преговорите, НСДП смета дека по едногодишните неуспешни преговори зад затворени врати, созреани се условите за продолжувањето на дијалогот на отворена, јавна сцена. Колку и да се има разбирање за потребата од тајни преговори, бидејќи станува збор и за отворање на прашање од суптилна природа, кои допираат до меѓуетничките односи и до криминалната сфера, по истекот на една година сметаме дека своите политички одлуки и ставови учесниците во преговорите треба да ги изложат јавно, на отворена маса. Нема подобар судија од македонската јавност, за тоа кој ги брани националните и државни, а кој партиските и личните интереси. Продолжувањето на дијалогот на јавна сцена може да се организира или во Собранието на Република Македонија или во студио на јавниот радиодифузен сервис – МРТВ“, стои во соопштението на НСДП.

Оттаму додаваат отворањето на преговарачкиот процес кон јавноста, ќе доведе до зајакнување на чувството на одговорност на учесниците и до брзо решение за излез од ситуацијата.