Вести Македонија

Нуланд: Договор ќе има во следните денови – (видео)

Сподели:

nuland-bejli-1-860x680

Заменик помошникот државен секретар за Евроазија и Европа при американскиот Стејт департмент, Викторија Нуланд, соопшти дека заминува охрабрена дека во следните денови ќе се постигне договор за спорните прашања.

– Се сретнав со четворицата политички лидери и морам да кажам дека заминувам од Скопје охрабрена дека во следните денови преговарачките тимови ќе се согласат со идеите што во моментов се наоѓаат на маса и ќе тргнат по пат кој ќе води кон избори. За тоа ќе биде потребна политичка волја на сите страни. Почувствував дека постои волја – рече Нуланд.

Втората цел, како што рече таа, било да се даде поддршка за зајакнување на правдата и на владеењето на правото во Македонија.

– Денеска разговарав со одредени граѓански активисти и новинари и ги охрабрив да продолжат со работата што ја вршат. Утринава, исто така, имав можност да се сретнам со госпоѓа Јанева и со нејзиниот тим. Нејзината работа е витално важна за носење на вистинското владеење на правото, одговорност и чист правен систем на оваа земја, нешто што е есенцијално ако Македонија сака да ги постигне своите евроатлантски аспирации – рече Нуланд, додавајќи дека САД веќе долго време ги подржуваат напорите на Македонија да стане членка на ЕУ и на НАТО.

Во однос на тоа дали добила некакви гаранции од политичките лидери за спроведување на договорот, Нуланд рече дека добила уверување од политичките партии дека сакаат да постигнат договор во следните денови и оти на маса има добри идеи како да се стигне до таму.

Во врска со можноста за формирање специјален суд кој ќе ги процесира обвиненијата што ќе ги поведе Специјалното јавно обвинителство, Нуланд рече дека ја поддржуваат работата на СЈО и оти во оптек се повеќе опции.

– Што се однесува за другите структури за поддршка, има многу идеи, но сметам дека тоа што е важно е системот да биде чист, одговорен и ефикасен. Тоа е процес. Очигледно дека сите ние би сакале да се одвива побрзо, но, како што реков дури и пред да допатувам, веќе напорно се работеше со поддршка на САД и на ЕУ за да се донесе Македонија на патот за избори, да се спроведе Договорот од Пржино – рече Нуланд.

На новинарско прашање дали САД планираат некакви казнени мерки, имајќи предвид дека и минатата година заминала охрабрена, а Договорот не се спровел, Нуланд не ја отфрли директно ваквата можност.

– Се надевам дека ситуацијата ќе се реши и нема да мора да одиме во таа насока – рече Нуланд.

Текст – meta.mk

Видео – ТВ Нова

 

Сподели: