Министерството за здравство во договор со компанијата „Лимак“ со привремено решение за дел од вработените на Клиничкиот центар кои ќе можат да ги паркираат своите возила во „Лимак“.
“Едно конкретно, брзо и функционално решение за еден од највидливите проблеми на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, а тоа е проблемот со паркирањето.
Во услови кога над 6.000 луѓе секој ден минуваат низ комплексот, а повеќе од 2.500 од нив се вработени, прашањето на паркирањето не може да биде оставено на импровизација. Не може да се зборува за функционален здравствен систем без функционална пристапност.
Затоа, Министерството за здравство потпиша меморандум за соработка со компанијата ЛИМАК ДОО Скопје, со кој обезбедуваме паркинг простор за 300 возила, наменет за вработените во здравствените установи кои функционираат во рамки на Клиничкиот центар.
Од 1 јули, овој паркинг простор ќе биде ставен во функција и достапен 24 часа. Се наоѓа на оддалеченост од приближно пет минути пешачење од било која клиника. На овој начин директно одговараме на еден од најгорливите проблеми, секојдневниот хаос со паркирањето во овој најголем здравствен комплекс во државата.
Со пренасочување на возилата на вработените надвор од срцето на кампусот, го ослободуваме најблискиот простор за пациентите. Конечно граѓаните нема да мора да решаваат сообраќајни проблеми и да губат нерви. Тоа значи полесен пристап, помалку гужви и поголема почит кон времето и достоинството на секој човек што доаѓа по здравствена помош. Клиничкиот центар добива паркинг кој ќе е во служба на пациентите.
Но, ова е само прв чекор во решавање на проблемот. Започнуваме и со системска анализа на просторот. Ќе го мапираме секој агол, ќе знаеме точно колку возила може да се паркираат, кои се пиковите во текот на денот и каде се најкритичните точки на застој.
На основа на тие податоци, ќе создадеме модел за управување со просторот, кој нема да се темели на навика и хаос, туку на бројки, потреби и логистика. Во процесот, ќе бидат вклучени и самите клиники, директорите и вработените, бидејќи секое практично решение мора да доаѓа со знаење од неговите корисници.
Во следната фаза, ќе го подобриме и движењето на пациентите во рамки на Клиничкиот центар. Во тек се подготовките за поставување на дигитални информативни табли на влезовите од комплексот, како и на клучните точки во внатрешноста на Клиничкиот центар, со што ќе овозможиме полесна ориентација, побрз пристап до клиниките.
Затоа, паралелно го следиме и ќе се подготвиме за што и да значи долгорочното позиционирање на Клиничкиот центар, бидејќи вистинското решение за паркинг просторот не може да се оддели од иднината на целиот комплекс. Но додека тоа се дефинира, ние нема да седиме со скрстени раце, а добрите пракси ќе ги примениме и во новиот ултра-модерен Клинички центар”, изјави министерот Алиу на денешната прес-конференција.
