Вести Македонија Ударни вести

Обраќање на Џафери на Третиот Жан Моне Дијалог до пратениците од ЕК

 

Претседателот на Собранието Талат Џафери на Третиот Жан Моне Дијалог се обрати до пратениците од Европскиот Парламент, г Ќучјук, г. Шиедер, г-ѓа Валсман, потпретседателите на Собранието, пратениците и амбасадорот Жбогар:

 

 

 

Денес продолжуваме со нов Жан Моне Дијалог, трет по ред, и мене ми е драго што меѓу нас се наоѓа новиот состав на европратници, пријатели на Собранието и на Република Северна Македонија, наши колеги од Европскиот парламент, кои се тука да ја продолжат со нас соработката која започна во мај 2018 година во Охрид, продолжи во мај 2019 година во Собрание и сакам да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам на претходната тројка европратеници, Вајгл, Кукан и Флекнштајн, за нивното пријателство и непоколебливата посветеност на нашиот законодавен  дом а Вас, г. Ќучјук, г. Шиедер и г-ѓа Валсман, дозволете да ве поздравам и да ви посакам добредојде во Собрание со верба дека заедно ќе постигнеме конкретни резултати и успеси за кои можеби во некое поранешно минато сме мислеле дека се невозможни, а сепак сме успеале да ги оствариме или постигнеме. „Жан Моне Дијалог за мир и демократија“, е инструмент развиен од Европскиот Парламент како алатка на меката моќ во областа на парламентарната медијација и дијалог, верувам дека на сите присутни им е добро познат концептот на овој процес, односно, фокусирањето на постигнувањето консензус за институционалните и националните реформи, далеку од медиумското покривање, далеку од театралноста што ја предизвикува присуството на јавноста и далеку од политичкиот притисок на актуелниот дискурс.

Конкретното прашање околу кое ќе се концентрираме и овој пат е всушност продолжувањето на дискусијата за постигнување на усогласеност на ставовите за изготвување на што е можно поконсензуален Деловник за работата на Собранието. Овој предлог Деловник по кој што дебатираме денес е производ на работата на повеќе чинители, односно, по дебатата и постигнатите согласности на вториот ЖМД, каде што имавме и придонес на експертскиот тим од ЕУ проектот за поддршка на реформите  во Собранието, Службата на законодавниот дом го изготви овој Предлог на кој се воочуваат јасно точките кои остануваат за усогласување. Во него се внесени прифатените сугестии дадени од НДИ на минатиот Дијалог, а за денешниот, имаат доставено нови предлози кои ги имате во вашите материјали за работа.

И мене и вам, ви е јасно дека ова не е најблагодарниот тајминг за финализирање на дебатата околу консензуалниот Деловник, имајќи предвид дека набрзо, т.е. на 12 февруари овој парламентарен состав се распушта а на 12 април одиме на предвремени избори, меѓутоа, едно не можеме да занемариме и да исклучиме, а тоа е дека се што направивме, се што ќе направиме сега и во иднина, не е нешто што ќе важи само за еден мандат или чии благодати ќе  ги ужива само еден пратенички состав. Тоа што го правиме всушност е поставување на цврсти темели на најзначајната алатка за функционирање на Собранието – Деловникот, со цел истиот да не биде пречка, кочничар или блокатор на толку потребните реформи во општеството, во државата и во нашиот менталитет во крајна инстанца, затоа што, сѐ почнува од менталитетот, или сакаме и има само еден начин да се направи тоа, или не сакаме па наоѓаме сто и еден изговор за да не го направиме.

 

Наша цел е да се зајакне улогата на Собранието, и убедени сме дека овој дијалог нуди вистинска можност да се стави Собранието не само во центарот на градење консензус во врска со законодавството за поддршка на реформската агенда на ЕУ, туку и да ja предводи реформската агeнда, употребувајќи ja сета своја важна демократска легитимност, контролна и легислативнa надлежност затоа што се познати нашите стратешки определби, односно членството во НАТО и ЕУ а за тоа се потребни функционални институции, функционално Собрание. А кога сум кај зајакнувањето и поставувањето на домот на демократијата како најдиректен претставник на суверенот и носител на легитимитетот доверен од него, сакам гордо да го спомнам донесувањето на Законот за Собрание чии што измени и дополнувања во делот за службата на Собранието, овозможуваат финансиска и административна независност, две од трите цели на речиси секој парламентарен состав од осамостојувањето па наваму. Набрзо ќе се отвори и Парламентарната буџетска канцеларија која ќе биде директна поддршка за финансиската независност на Собранието. Останува да се работи во насока на независност на обезбедувањето на Собранието, остануваме посветени да осигуриме нашиот консензус да биде уште попродуктивен и да донесе само подобрувања во начинот на функционирање на Собранието, со  најмала можност за злоупотреба на деловничките права во насока на попречување на работата.

 

 

 

Во Собранието, имајќи го предвид сиот контекст по мојот избор по непријатните настани од 27 април, знаете дека сепак мојата комуникација со сите вас беше постојана и затоа ми се познати и вашите ставови околу спорните прашања меѓу опозицијата и власта и нема сега да ги набројувам меѓутоа, можам да сугерирам да денес и утре направиме напори да колку е можно повеќе ги приближиме или уште подобро, усогласиме ставовите околу ограничувањето на Конститутивната седница на два дена, календарот на Собранието, надзорните расправи, идејата за дво-третинско одобрување на закони по скратена постапка, изборот на генералниот секретар и секако, можеме да разговараме и за прашањето на промената на името на државата во Член 1, мнозинството за одземање на имунитет на пратеник и друго. Знам дека сте свесни дека се што правиме е во насока на подобрување на функционалноста на институцијата за последователно тоа се одрази и во реалниот живот на нашите граѓани. Секако, тоа е во прилог и на нашите напори за добивање на датум за почеток на преговорите за членство во Европската унија.

 

 

 

Сподели: