Вести Македонија Ударни вести

Одлуката за отворање на аеродромите ќе зависи од укинувањето на карантинот и отворањето на меѓународните граници

Сподели:

 

Директорот за Агенцијата за цивилно воздухопловство Томислав Тунтев смета дека не треба да се очекува аеродромите во земјава да бидат отворени пред 15 јуни. Моментално во земјава, бројот на летови во споредба со претходната година е само 7 до 10 отсто и во нив се опфатени воените летови, специјалните медицински, државните, хуманитарните летови и летовите за репатриација на државјаните кои останале надвор од територијата на земјава за време на избувнувањето на пандемијата и се затворањето на границите во сите европски држави, известува „Порталб.мк“.

Одлуката за отворање на аеродромите е врз основа на податоците од Комисијата за заразни болести и Кризниот штаб, ние како регулаторно тело немаме влијание врз истата, ние можеме само да им ги дадеме податоците од другите земји во Европа, за аеродромите на другите држави, за одредбите и прописите за летање што ги објави Европската Унија – и ние тоа го правиме секој ден, но одлуката ќе биде донесена врз основа на здравствената состојба во земјата. Одлуката за отворање на аеродромите ќе зависи од другите мерки, пред сè од укинувањето на карантинот и отворањето на меѓународните граници за движење на граѓаните, бидејќи знаете дека во аеродромите границите се меѓународни и важат истите правила како и за другите граници. Моја проценка е дека пред 15 јуни аеродромите сигурно нема да бидат отворени, а во врска со тоа, каква ќе биде ситуацијата овие денови со бројот на заразени и оддржливоста на здравствениот систем, мислам дека во вториот дел од јуни би можело да се донесе одлука, но сето ова е претпоставка – вели Тунтев за „Порталб.мк“.

Тој вели дека аеродромскиот оператор, ТАВ е подготвен да почне со работа, според препораките за заштита од КОВИД-19.

– Начелно сме во комуникација со операторот ТАВ. Тие се подготвени. Конечните подготовки во врска со означувањата, правилата, критериумите, одредбите, сè е во подготовка. Така да сето ова, според мене, зависи од тоа како ќе се одвива ситуацијата кај нас, во кое ниво ќе ни биде здравствениот систем и дали ќе се засилат мерките за задолжителен карантин во текот на влегувањето на странците во нашата земја – вели Тунтев.

Во врска со тоа дали може да се отворат авиолинии за летање во еден правец од Северна Македонија кон одредена дестинација, тој вели дека тоа не е логично, бидејќи не би било профитабилно за авиокомпанијата.

– За летања во еден правец нема можност бидејќи не е профитабилно. Кој ќе лета само во еден правец? Превозникот би требало да се согласи да лета сам во еден правец со патници, а да се врати празен – тоа не е логично. Освен тоа, излегувањето на граѓаните е дозволено во нашата граница, а знак прашалник е дали е дозволено влегување на државјаните на Македонија во другите земји. Пo сè изгледа, Бугарија ќе дозволи или Србија која ги отворила границите, но другите земји имаат услови – вели директорот за Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Од владата изјавија дека е рано да се дискутира за отворање на границите.

– Мислам дека сега е прерано да се отворат границите бидејќи е дополнителен ризик за околните земји, ако луѓе патуваат од региони во кои има многу пациенти во нашата земја и секако кога се враќаат. Со патувањата се зголемува ризикот на случаи што на еден начин, ќе го донесат вирусот од соседството – изјави Филипче на 1 јуни.

Двата аеродрома се затворени од кон средината на март, со цел спречување на ширењето на корона вирусот. Со ова е предизвикана сериозна штета врз воздушниот сообраќај на земјата. До крајот на мај, во воздушниот сообраќај се изгубени околу половина милион патници.

Штетата врз воздушниот сообраќај може и понатаму да се зголемува доколку понатамошното ширење на корона вирусот во земјата не се стави под контрола. Досега, владата нема утврдено датум за отворање на аеродромите во Скопје и Охрид, но и доколку преземе ваков чекор, решавачка улога ќе имаат одлуките на странските влади, доколку тие им дозволат на македонските државјани да влезат на нивната територија.

Веб-страниците на двата аеродроми во Скопје и Охрид не ги имаат објавено распоредите за летните летови, а странските авиокомпании постојано го пролонгираат почетокот на редовните летови кон нашите аеродроми. Неколку авиокомпании продаваат билети за летање за Скопје и Охрид за периодот после 15 јуни, но повеќето од оние кои имаат редовни летови кон нашата земја ги одложиле резервациите за билети за кон крајот на јуни или почетокот на јули.

Воздушниот сообраќај е затворен и во европските земји, со мал број исклучоци.

– Моментално на европското небо, бројот на летови во однос на лани е само 10 отсто. Од кај нас нема, но на пример од Бугарија се лета за Обединетото Кралство, Wizzair започна да работи од Сараево и Тузла од вчера. Turkish Airlines ќе почне од 18 јуни да лета на 6 европски дестинации. Значи, во втората половина од јуни ќе започнат летовите – рече Тунтев.

Сподели: