Велигденската богослужба во храмот Плаошник, Охрид со директен пренос

Сподели

 

Поради корона вирусот Ковид 19, овој пат, во македонскиот духовен центар, Балканскиот Ерусалим, Охрид, годинава, ќе изостанат сликите и атмосферата од преполните храмови со верници, почитувачи на традицијата и гости од земјата и светот, за најголемиот православен празник Велигден.

Препораките на здравствените власти за спречување на ширењето на смртоносниот вирус, ги прифати свештенството на МПЦ – Охридска Архиепископија, со апел до граѓаните истите да се почитуваат.

Празен ќе биде и градот, со сите негови сместувачки и угостителски капацитети, затоа што на сила ќе биде владината одлука за полициски час во трите неработни, празнични денови – сабота, недела и понеделник.

Сепак, празничната атмосфера, која во најголемиот духовен центар на православието, Охрид, секогаш е посебна, нема да изостане, но овој пат таа ќе биде пренесена од храмовите во домовите на охриѓани и православните верници ширум земјата и светот.

Имено, на иницијатива на ЛК „Лихнидос“, порталот „OhridNews“ и „Мега продукција“, а со благослов на Дебарско – кичевската епархија,како  и поддршка на локалната самоуправа, на „OhridNews“, преку „YouТube“, ќе биде реализиран директен пренос од Велигденската богослужба во храмот Плаошник.

Црковниот чин, на 18 април, ќе започне во 23.30 часот, а ќе чиноначалствува Владиката Тимотеј, со неколкумина свештеници и без присуство на верници.

-На овој начин сакаме да ја пренесеме празничната атмосфера во домовите на охриѓани, кои, за жал, овој пат, поради опасноста која не демне од невидливиот непријател, не ќе можат да присуствуваат на Велигденската богослужба. Веруваме дека сплотени, со позитивен дух и верба, заеднички ќе ја победиме големата закана и ќе излеземе посилни од сето ова. Охриѓани покажуваат исклучителна одговорност, дисциплина и истрајност, а преносот од Велигденската богослужба што ќе го реализираме со сопствени ресурси, е подарок за сите нив и за нашиот град, кој секогаш знаел да се издигне во вакви тешки моменти, се огласија за медиумите иницијаторите.

Директниот пренос од Велигденската богослужба на Плаошник, на 18 април, со почеток во 23.30 часот, ќе може да се следи на сите онлајн платформи, преку паметни телефони, компјутер, смарт тв. и други соодветни дигитални уреди.

Веле  Митаноски