ОЈО Скопје отвори истрага против 13 вработени во Агенцијата за катастар

Сподели

obvinitelstvo

Основното јавно обвинителство Скопје отворило предмет против 13 лица, вработени во Агенцијата за катастар, кои се товрат за злоупотреба на службената положба и овластување, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Како што информираат оттаму, осомничените во периодот 1 јануари 2013 до 16 март годинава на клиенти им наплаќале административна такса во готово, а парите потоа ги земале за себе.

Осомничените, според Обвинителството, со направените злоупотреби стекнале противправна имотна корист од околу 1,9 милиони денари, односно околу 30.000 евра.

„При приемот на пријавите – барањата од странки, наплатата на надоместокот (административната такса) ја вршеле со парични средства во готово, при што ги убедувале странките дека им помагаат со тоа што надоместок тие лично ќе го платат преку нивните лични платежни картички. Осомничените веднаш по направеното плаќање со платежните картички преку постерминалите, вршеле сторнирање на направените трансакции, а кон барањата од странките ја приложувале веќе испечатената потврдата за извршено плаќање, како доказ дека административната такса е наплатена и предметот го пуштале во понатамошна процедура. Добиените парични средства во готово ги присвојувале за себе и притоа стекнале противправна имотна корист во износ од 1.883.433 денари“, стои во соопштението на Обвинителството.

Јавниот обвинител, кој го води случајот, до судија на претходна постапка доставил предлог на осомничените да им бидат одредени мерки на претпазливост, односно одземање на пасошите, забрана за напуштање на живеалиште и повремено јавување пред надлежен орган.

meta.mk