Општина Берово именува улица по пожарникарот Жан Кофол

Сподели

 

Градоначалникот на општина Берово, Звонко Пекевски, поднесе иницијатива до Советот на Општина Берово, за преименување на улицата “20” во населбата Ширината,  во улица “Жан Кофол”.

На седница на Советот на општина Берово едногласно беше поддржана иницијативата улицата која досега беше нумерирана со број 20, да го носи неговото име, во спомен на младиот човек кој учествуваше во спасот на целиот реон. 

Иницијативата е поднесена за постхумно одликување, по името на овој хуман херој, кој загина во сообраќајна несреќа, а кој даде свој придонес во гаснењето на пожарите кои беснееја во Малешевијата.

“Сметам дека именувањето на улицата, ќе значи за семејството на прерано загинатиот пожарникар, а од друга страна ние како општина постхумно ќе искажеме признание и благодарност за поддршката која што ја даде Кофол за Берово и Малешевијата. Почит треба да биде искажана на оние кои ја заслужиле.  Се надевам дека Советниците едногласно ќе ја прифатат оваа моја иницијатива и името и делото на овој млад пожарникар, никогаш нема да се заборави” – истакна Градоначалникот Пекевски.

Жан Кофол го загуби животот во сообраќајна несреќа во близината на Нова Горица,  на 28 септември, еден ден пред неговиот 20-ти роденден.

Кофол беше меѓу најмладите доброволци кои пристигнаа од Словенија и со денови учествуваше во гасењето на огнената стихија во околината на Берово и Пехчево.