Општина Битола ќе ги надоместува штетите од земјотресот

Сподели

 

На денешниот состанок на општинскиот кризен штаб, беа разгледани двете состојби со кои во моментот се соочува Општина Битола, а беа донесени и конкретни мерки за понатамошно постапување во интерес на граѓаните.

„На денешната седница на Советот на Општина Битола, ќе предложиме точка на дневен ред: формирање на комисија за проценка на штетите во однос на синоќешниот земјотрес, составена од стручни служби од Општина Битола, потпомогнати од ИЗИС за што стапивме во контакт со директорот Владимир Шешов, кои ќе бидат наши помагачи и дел од комисијата доколку има поголеми штети на терен. Заклучено е итно формирање на комисијата која ќе излезе на терен. Испраќам и апел до граѓаните, сите штети кои ги имаат да ги пријават до општината, на контактите кои дополнително ќе бидат објавени“, рече Коњановски.

 

 

Претседателката на Советот, Габриела Илиевска, информираше за денешните дополнителни точки на дневниот ред:

„На денешната седница на Советот ќе имаме неколку дополнителни точки: тоа е формирање на комисија за штети, настанати после земјотресот и уште една дополнителна точка, а тоа е донесување на заклучок, кој ќе го доставиме до Владата на Република Македонија и ќе бараме одржување на итна седница, на која ќе се разгледа состојбата во Битола и на која ќе побараме и самата Влада да излезе во пресрет на она што и се случи на Битола. Колкави се штетите не знаеме сеуште. Но, во Битола имаме големи институции: болници, градинки, суд, објекти кои се под заштита и сметам дека и таму ќе треба да се предвидат големи финансиски средства, бидејќи нивната реконструкција ќе чини повеќе, бидејќи дел од нив се стари градби. Затоа сметаме дека треба да побараме ваква седница, каде државата ќе излезе во пресрет за нашиот град, бидејќи сметаме дека Битола, мора во најкус можен рок да ги санира штетите кои и се случија минатата ноќ“, изјави Габриела Илиевска, Претседател на Советот на Општина Битола, после денешниот состанок на општинскиот кризен штаб.