Вести Македонија Ударни вести

Општина Карпош со акција за делење на 3.000 маски во Злокуќани, Бардовци и Нерези

Сподели:

 

Со цел поголема заштита на граѓаните и спречување на ширење на коронавирусот, Општина Карпош започна акција за делење на 3.000 маски, за повеќекратна употреба, во поруралните средини и населби како: Злокуќани, Бардовци и Нерези. Маски ќе се делат и пред пофреквентни места: пред маркети, банки, автобуски постојки.

 

Заштитната опрема е донација од здружението „Добредојде Македонија Welcome Centre“, а со поддршка од Амбасадата на Република Словачка во Република Северна Македонија. Притоа, граѓаните добија и инструкции како правилно да ги користат маските, со цел подобро да се заштитат.

 

 

Градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев се заблагодари за донацијата и потсети на сите мерки кои локалната самоуправа ги презема периодов:

– Се мијат и дезинфицираат улици и згради, платоа, јавни површини, помагаме преку мобилни тимови на изнемоштените, дониравме прехранбени продукти и средства за хигиена на оние на кои им е најпотребно. Со дистрибуцијата на 3.000 маски дополнително даваме поддршка на граѓаните, особено на оние кои се во потешка финансиска состојба. Апелирам граѓаните да продолжат со почитување на мерките и препораките од надлежните институции, рече Богоев.

 

Амбасадорот, Хенрик Маркуш, истакна дека Словачка континуирано ги одржува пријателските односи со нашата земја. Ова е симболнична, но многу важна поддршка за карпошани во овој период на пандемија на Covid – 19.

Акцијата ќе продолжи и по другите општини, со што вкупно ќе бидат поделени околу 12.000 маски на територија на Скопје. Претседателката на здружението Емилија Миладинова Аврамчева потсети и на мерките за одржување на социјална дистанца, а ги поттикна и сите други општествени чинители да се вклучат во поддршка на заедницата и граѓаните.

Сподели: