Вести Македонија Ударни вести

Општина Центар: Доделени субвенции за поправка и санација на лифтови и покриви на згради

Сподели:

 

Врз основа на јавниот повик за финансиска подршка за поправка и санација на постоечки кровни конструкции и постоечки лифтови во станбените згради на подрачјето на Општина Центар, оваа година одобрени се субвенции за реконструкција на 9 лифтови и 1 покрив на колективни станбени објекти постари од 15 години. Вкупната сума обезбедена за јавниот повик изнесуваше 3.000.000 денари, а искористени се 1.873.394 денари.

Заедниците на станари аплицираа за поправка на лифт за кој со технички преглед, извршен од овластено акредитирано независно правно лице, е утврдено дека е технички неисправен и/или за модернизација на лифтови и нивно усогласување со безбедносните барања и подобрување на безбедноста на постојните лифтови во согласност со Законот за техничка инспекција и Правилникот за користење лифтови и транспортери.

Финансиската поддршка за реконструкција на покриви и кровни покривки е наменета за замена на постојните азбестни салонитни покривки со еколошки на колективни станбени објекти и реконструкција на рамни проодни и непроодни тераси под условите што беа наведени во јавниот повик.

Оваа година ќе се изврши поправка и санација на лифтовите на следните згради: ул. „Орце Николов“ бр. 98; ул. „Народен Фронт“ бр.7, бр.11, бр.5/37, бр. 23 влез 2 и бр. 27; булевар „Кочо Рацин“ бр. 8; ул. „Козара“ бр. 64 влез 3 и булевар „Партизански одреди“ бр. 7/1 влез 1, а субвенции за поправка на покривот добија станарите на зградата на ул. „Народен Фронт“ бр.23 влез 1.

Ова е петта година по ред како Општина Центар ја реализира програмата за субвенционирање на поправка и санација на лифтови и кровни конструкции, а досега реконструирани се вкупно 102 лифтови и кровни конструкции на колективни станбени објекти во општината.

Сподели: