Музика и Филм

Оскари 2017: „Moonlight“ е најдобар филм, „La la land“ победник во шест категории

Сподели:

Мјузиклот „La la land“, освои шест „Оскари“ на 89. доделување на наградата на Американската академија за филмска уметност и наука, и тоа за режија, главна женска улога, фотографија, музика, песна и сценографија, а филмот „Moonlight“ е прогласен за најдобар филм.

За време на прогласувањето на најдобриот филм дојде до голем гаф, кога Феј Данавеј, која заедно со Ворен Бити ја доделуваа наградата за најдобар филм, погрешно прочита дека добитник е „La la land“. Додека режисерот Демиен Шазел и тимот ги држеја говорите и славеја, нивниот продуцент Џастин Хоровиц ги прекина, велејќи им дека дошло до грешка и дека „Moonlight“ е најдобар филм.

Ворен Бити потоа додаде дека го добил ковертот со името на Ема Стоун и филмот „La la land“, па се збуни и накусо запре, подавајќи и го на Феј ковертот за таа да го прочита добитникот. До забуната дојде поради тоа што за секој добитник постојат по два коверти, па на Бити и на Данавеј им бил даден оној за најдобра главна глумица, а не за филм.

Режисерот Бери Џенкинс и тимот од „Moonlight“ рекоа дека не можеле да веруваат што се случува, но на крајот, испаднало полудо отколку во најлудите соништа.

„Moonlight“ освои вкупно три „Оскари“: за филм, споредна машка улога, која му припадна на Махершал Али, и за адаптирано сценарио. По две награди зедоа филмовите „Manchester by the sea“, за главен актер и за оригинално сценарио, а „Hacksaw Ridge“ за монтажа и микс на звук.

Дејмиен Шазел (32) стана најмладиот режисер во историјата кој е награден со „Оскар“.

Ема Стоун доби „Оскар“ за најдобра глумица во главна улога во „La la land“, Кејси Афлек за најдобар актер во „Manchester by the sea“, Махершали Али („Moonlight“) за најдобра споредна машка улога и Вајоли Дејвис („Fences“) за најдобра женска споредна улога.

Награда за најдобар странски филм доби „The Salesman“ на Асгар Фархади, режисерот не допатува во Америка за предоскаровските случувања и доделувањето на наградите, поради забраната за влез во САД на државјаните на шест муслимански држави. Подоцна таа забрана беше суспендирана од страна на Врховниот суд.

Пораката на Фархади ја прочита американска ИТ инженерка, по потекло од Ирак, Ануше Ансари.

„Голема чест ми е што ја добивам оваа награда по вторпат. Жал ми што вечерва не сум со вас. Моето отсуство е знак на почитување кон луѓето од мојата и уште шест земји кои се понижени со нечовечкиот закон за забрана на влез на имигранти во САД. Поделбата на светот на категории „ние“ и „нашите непријатели“ создава страв. Тоа е лажно оправдување на агресија и војна. Тие војни ги спречуваат демократијата и човековите права во земјите кои се и самите жртви на агресија“, истакна во пораката Фархади.

Најдобар документарен филм е „O.J: Made in America“, кој трае речиси осум часови, а е дело на режисерот Езра Еделман, а се однесува на О. Џеј Симпсон, поранешна рагби ѕвезда.

Најдобар анимиран филм е „Zootopia“.

Целата листа на добитници на „Оскари“ може да ја погледнете на следниот линк.

radiomof.mk

Сподели: