Османи-Лирман: Постепен пристап до фондовите, политиките и заедничкиот пазар на Унијата

Сподели

 

„Постепен пристап до фондовите, политиките и заедничкиот пазар на Унијата со цел нашите државјани да ги чувствуваат придобивките од евроинтеграцијата порано“

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес, во рамки на учеството на безбедносниот форум Глобсек во Братислава, оствари билатерална средба со Министерката за Европа и клима на Германија, Ана Лирман.

Во фокус на разговорите беше нашето европско досие, при што Османи брифираше за претстојниот процес на донесување на уставните измени, со цел отворање на првиот кластер од пристапните преговори и во овој контекст, се заблагодари за цврстата германска поддршка.

Османи ја запозна соговорничката со т.н. концепт “Повеќе интеграција пред членство во ЕУ”, со што, како што истакна “периодот до полноправно членство би се искористил од земјите од регионот од една страна, а од друга страна би се додал повеќе кредибилитет на пристапниот процес”.

“Верувам дека се реалистични нашите барања за постепен пристап до фондовите, политиките и заедничкиот пазар на Унијата, со цел нашите државјани да ги чувствуваат придобивките од евроинтеграцијата порано. Со ова, евроскептицизмот во раст би го трансформирале во заемна доверба, со побрзо темпо при реализацијата на реформите во нашата држава.”, рече Османи.

Османи и Лирман разменија мислења и за актуелните случувања на северот на Косово, за итната потреба од деескалација на состојбите и враќање на дијалогот, кој треба да обезбеди одржливи решенија.