Вести Македонија Ударни вести

Османи на НАТО министерски состанок во Букурешт

Сподели:

 

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи учествуваше на вториот ден од НАТО Министерскиот состанок, што се одржува во Букурешт.

 

 

Во фокусот на дискусиите, на кои учествуваа и министрите за надворешни работи на Финска, Шведска, Босна и Херцеговина, Грузија и Молдова, беше поддршката за Украина, политика на отворени врати на НАТО, зајакнувањето на Источното крило на Алијансата, како и значењето на регионот на Црното море за целокупната трансатлантска безбедност.  Воедно стана збор и за заканите и предизвиците од авторитарните актери и стратешките конкуренти на НАТО во повеќе региони, вклучувајќи го и Западниот Балкан.

Во своето обраќање, Османи нагласи дека Северна Македонија како дел од Западен Балкан и најнова членка на НАТО одблиску ја познава трансформативна моќ на европската и евроатлантската интеграција, и токму затоа силно ја поддржува политиката на отворени врати на Алијансата,  и процесот на проширување на Европската унија. Според него, за време на војна во европскиот континент, европските и евроатлантските интеграции на земјите од Западен Балкан се клучни за одржување долгорочна регионална и европска стабилност.

“Денес, заедно со министрите за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија, како најмногу погодени земји од војната во Украина, имаме можност да размениме мислења за тоа како дополнително да ја зајакнеме нивната отпорност и да ги развиеме нивните капацитети, поддржувајќи ја нивната политичка независност. Западен Балкан и Црното Море остануваат региони од стратешко значење за Алијансата. Нашето партнерство е клучно во справување со заедничките закани и предизвици” – додаде Османи.

Од Букурешт Османи продолжува за Лоѓ, Полска каде ќе учествува на 29-от Министерски совет на ОБСЕ, по кој Северна Македонија го презема претседателството со Организацијата.

Сподели: