Вести Македонија Ударни вести

Османи утре ќе му го претстави планот „3-6-9“ на Коѕиас

Сподели:

Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, утре ќе биде во официјална посета на Македонија на покана на министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Од МНР велат дека посетата на Коѕиас е продолжение на дијалогот помеѓу двајцата министри, во рамки на кој се опфатени перспективите на билатералната соработка помеѓу двете земји, како и други прашања од заемен интерес.

Димитров денеска не сакаше да прецизира за што конкретно ќе се разговара на утрешната средба со неговиот грчки колега, додавајќи дека е некоректно да се каже дека ќе зборуваат само за мерките за доверба, имајќи предвид дека довербата е клучна за добрите односи. Димитров ќе го пречека Коѕиас во 10.20 часот, во фоајето на зградата на МНР.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, исто така ќе се сретне со Коѕиас, во просториите на Секретаријатот за европски прашања, утре во 14.40 часот.

На средбата, како што информираат од Секертаријатот, ќе се разговара за односите помеѓу двете земји, особено за новите можности за унапредување на билатералните односи кои се отвораат во согласност со новата позитивна клима во регионот.

„Вицепремиерот Османи, на министерот Коѕиас ќе му го претстави планот „3-6-9“, процесот на неговата имплементација, како дел од обврските со кои Македонија ја враќа европската агенда како врвен приоритет. Тема на средбата ќе биде и продолжувањето на успешната соработка во искористувањето на ИПА-фондовите наменети за прекугранична соработка, како успешен модел кој треба да претставува пример за изградба на мерки на доверба помеѓу две соседни држави“, се вели во соопштението на Секретаријатот.

meta.mk

 

Сподели: