​​Отворен првиот Национален центар за поддршка на социјалните претпријатија

Сподели

 

„Клучната улога на социјалните претпријатија е да обезбедат рехабилитација и реинтеграција на пазарот на трудот, сигурна и стабилна иднина за тешко вработливите лица, за лицата во социјален ризик, поранешни зависници, лица кои порано биле во судир со законот и лица со попреченост. Сите овие ранливи граѓани преку социјалните претпријатија, добиваат шанса да се вклучат во заедницата, да заработуваат за сопствена егзистенција и да придонесат за развој на локалната, меѓутоа и на националната економија. Затоа, потребни се мерки и решенија коишто ќе ги подобрат условите за нивна работа и ќе создадат директни и индиректни придобивки за македонското општество. Ова значи промени во легислативата, државните програми за материјална поддршка и избор на модел за нивно организирање,“ рече министерката Шахпаска.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, потенцираше дека Владата на Република Северна Македонија е посветена во создавањето на солидарно општество за сите. Информираше дека преку Фондот за иновации и технолошки развој, оваа година за првпат e овозможена и финансиска поддршка од 6 милиони денари за реализација на проекти за социјално претприемништво. На јавниот повик се пристигнати 69 апликации, а ФИТР може да поддржи дури до 90% од целокупниот буџет на проектот.

Раководителот на Сектор за соработка при Делегацијата на Европска Унија Штефен Худолин, им упати честитки на сите кои беа вклучени во отворањето на центарот.

„Сите институции покажаа кохезија и соработка за да овозможат услови за работа и да ја намалат нееднаквоста. Нашата социјална економија е во суштина хумана економија која не штити од големите животни ризици, болести, несреќи и сиромаштија. Со овој центар се создаваат можности за раст, развој и поддршка на социјалните претпријатија во Северна Македонија.“ Штефан Худолин, одговорен за соработка при Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија.

Со новото законско решение за социјални претпријатија кое се очекува да се донесе наредната година ќе се уредат критериумите за стекнување статус на социјално претпријатие, регистрацијата, даночниот третман, мониторингот итн. Ќе биде обезбедена и ознака за производи и услуги на социјалните претпријатија. За развојот на социјалните претпријатија важно е и создавањето на култура за социјално претприемништво но и олеснување на пристапот до пазарите. Во таа насока е и денешниот прв национален саем во Скопје. Регионални саеми за социјални претпријатија деновиве се организираат и во други градови низ земјава. Националниот центар за социјални претпријатија својата поддршка и развој на социјалните претпријатија ќе ја обезбедува заедно со 8-те регионални точки за поддршка неодамна воспоставени во Скопје, Велес, Штип, Тетово, Струмица, Охрид, Битола и Куманово.