Партиите се уште размислуваат за новите предложени опции

Сподели

collage-pregovori-przino-860x680

Политичките партии потписнички на Договорот од Пржино се очекува оваа недела да постигнат конечен договор во преговорите за формирање на преодна влада и подготвување на предвремени парламентарни избори.

Од СДСМ велат дека нивната позиција останува непроменета и дека се уште не се знае дали утре ќе има средба помеѓу партиите и претставниците на меѓународната заедница.

– Позициите на СДСМ остануваат исти, непроменети. Очекуваме во текот на утрешниот ден да имаме повеќе информации и од страна на меѓународните партнери дали преговорите ќе продолжат и во текот на утрешниот ден. Се надевам дека ќе се постигне договор после вразумувањето на другите учесници во целиот овој процес, особено на ВМРО-ДПМНЕ – рече Љупчо Николовски член на извршниот одбор на СДСМ одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Николовски додаде дека во тек се внатрепартиски консултации и не сакаше да коментира каде точно заглавиле преговорите минатата недела.

Во петокот попладне по шестчасовни преговори, партиите не успеаја да постигнат конечен договор.

По завршувањето на преговорите, американскиот амбасадор Џес Бејли рече дека е оптимист и дека имало извесен напредок. Тој напомена дека за време на викендот ќе им остават простор на партиите да размислат во однос на предложените опции.

Портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич го поздрави напредокот на преговорите, но ги повика партиите итно да најдат одговор и за последното отворено прашање.

На преговорите, СДСМ бара целосни ингеренции за министерот за внатрешни работи, додека ВМРО-ДПМНЕ е за ограничени овластувања. Партиите веќе постигнаа договор за избирачкиот список, за ад хок телото за контрола на медиумите и за главен и одговорен уредник на јавниот сервис.

meta.mk