Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниот Апостолски Нунциј, надбискупот Лучано Суриани

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на надбискупот Лучано Суриани, новоименуван Апостолски Нунциј на Светиот Престол за Република Северна Македонија, со седиште во Софија.

 

 

На свечената церемонија претседателот Пендаровски изрази задоволството од успешниот развој на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Светиот Престол, оценувајќи ги како одраз на меѓусебно разбирање и искрена почит, реафирмирани за време на посетата на Неговата Светост, Папата Франциск, во мај 2019 година.

„Република Северна Македонија, со своето историско минато, со автентичното и секојдневно искуство на соживот и толеранција и со својата современа поставеност, како респективна членка на меѓународната заедница, целосно го дава својот придонес во градењето на разбирање и почитување на културите од целиот свет. Ваквата определба ќе претставува уште еден мост во односите помеѓу нашите две земји“, рече претседателот Пендаровски.

 

 

Во своето обраќање, Апостолскиот Нунциј Суриани изрази задоволство за почетокот на мисијата во Северна Македонија.

„Од моја страна ќе се вложам целосно да ги зајакнам и продлабочам веќе добро етаблираните односи што ги имаме помеѓу Светиот Престол и Република Северна Македонија“, рече Апостолскиот Нунциј Суриани во своето обраќање.

 Претседателот Пендаровски на надбискупот Суриани му посака успешно извршување на одговорната функција.