Пендаровски – Ван дер Белен: Австрија со поддршка за нашиот евроинтегративен процес

Сподели

 

На церемонија со највисоки државни и воени почести претседателот Стево Пендаровски денеска го пречека сојузниот претседател на Република Австрија, Александер Ван дер Белен, кој во придружба на неговата сопруга, Дорис Шмидауер, престојува во официјална посета на државава.

 

 

Теми на разговор беа севкупните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Австрија, можностите за нивно продлабочување со акцент на економската соработка, текот на европските интеграции на нашата земја, како и отворените прашања на Западен Балкан и состојбите во поширокиот регион.

Австрија е историски присутна во нашата земја и во регионот, и политички и економски. Таа е една од првите европски држави која ги чувствува ефектите од позитивните процеси, но и од негативните тенденции на Балканот. 

Со претседателот Александер Ван дер Белен го потврдивме цврстото пријателство и партнерство меѓу нашите две држави и нашите два народа. Една од клучните теми, која ја дискутиравме беше нашиот евроинтегративен процес и во оваа прилика, сакам да се заблагодарам на Австрија за силната поддршка на политиката на проширување на Европската Унија и неспорната континуирана и принципиелна поддршка за нас во тој процес и во контекст. Австрија како докажан пријател на регионот има значајна улога во форсирањето на политиката на проширување на Европската Унија со земјите од Западниот Балкан, а, во тие рамки, оваа посета на австрискиот претседател укажува и на ургентноста на македонското европско досие.

Посебен фокус во разговорите беше интензивирањето на економската соработка. Австрија е наш значаен трговски партнер и прв странски инвеститор со вкупни инвестиции од близу една милијарда евра и со присуство на 54 активни австриски компании на македонскиот пазар. Во тој контекст ги поздравуваме и поддржуваме активностите на Македонско-австриската бизнис-асоцијација. 

Неспорно е дека нашето партнерство ќе продолжи и во иднина со несмален интензитет. Следната година одбележуваме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи што ќе биде уште една можност да го реафирмираме македонско-австриското пријателство и соработка”, изјави претседателот Пендаровски по средбата со австрискиот претседател Александер Ван дер Белен .