Петровска-Панагиотопулос: Сојузничка одбранбена соработка за сигурни граѓани и безбеден регион

Сподели

 

На средбата министрите Петровска и Панагиотопулосизразија задоволство од интензитетот на одбранбената соработка помеѓу Северна Македонија и Грција која во последните три години бележи силна нагорна линија, а стана збор и за процесот на модернизација и капацитетите на воената индустрија на двете земји.

 

 

„Бројни се и вежбите и заедничките активности помеѓу армиите на двете држави каде заедно учествуваме без разлика дали тоа е на билатерално ниво или со повеќе други држави. Она што особено беше мотивирачки од саемот се бројните грчки компании кои ги изложуваат своите производи кои се дел од најсовремената софистицирана опрема за вооружување, па со мојот грчки колега зборувавме и за продлабочување на соработката помеѓу двете држави во тој сегмент, значи искористување на капацитетите на грчката воена индустрија и она што можеме да го направиме ние во нашата држава, а особено зборувавме и за споделувањето на искуства од користењето на инструментот за набавка на ваков вид на софистицирана опрема преку познатиот инструмент Влада со Влада “, рече министерката во изјава за МИА по состанокот.

Во контекст на евроинтегративните процеси за земјите од регионот, министерката Петровска се заблагодари за грчката поддршка за членство на Северна Македонија во Унијата и порача дека овој процес мора да се забрза.

„Европската интеграција и на Република Северна Македонија, меѓутоа и на земјите од Балканот кои тој процес го започнале, навистина е потребно да се забрза, се со цел да не се предизвика или тоа да не влијае дополнително на комплицирање на безбедноста во регионот. Затоа што европските држави треба да знаат дека земјите од Балканот припаѓаат во Европската Унија и тие тој процес го започнале и даваат се од себе и граѓаните на тие држави, меѓутоа и Владите навистина што е можно побрзо процесот да биде завршен. Северна Македонија се покажа како сериозен партнер во процесот на европската интеграција на нашата држава и се согласивме дека заслужуваме да бидеме соодветно наградени за тоа“, порача министерката.

Министерот Панагиотопулос порача дека Грција цврсто верува во потребата одбранбената соработка да биде на највисоко ниво и ја повтори подготвеноста на Грција за продолжување на заедничките активности на политичко и воено ниво.

Одбранбената соработка со Грција е на исклучително високо ниво – земјите секоја година потпишуваат годишен План за билатерална соработка, а само оваа година се реализираат повеќе заеднички вежби како „Orion 23“ и „Golden Fleece“ во Грција и „Balkan Warrior 23“ на „Криволак“.

Во Атина, министерката Петровска го посети и Меѓународниот саем за одбрана и вооружување DEFEA 23, каде 346 изложувачи од 28 земји прикажаа дел од најновата и најсофистицирана воена опрема, што е од круцијално значење имајќи предвид дека Северна Македонија е во фаза на сеопфатна модернизација и опремување на армиските сили.