Вести Македонија Ударни вести

Пилот тестирање на ВЕКТОР – Алатка за виртуелно собирање докази за идентификација и онеспособување неексплодирани убојни средства

Сподели:

 

Денеска во Полицискиот Центар „Ѓорче Петров“ Скопје, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски присуствуваше на бета пилот тестирањето на ВЕКТОР – Алатка за виртуелно собирање докази за идентификација и онеспособување неексплодирани убојни средства, поддржан од НАТО програмата – Наука за мир и безбедност, а спроведуван од CENTRIC – Центар за извонредност во истражувањата за тероризам, отпорност, разузнавање и организиран криминал, Факултет за безбедност Скопје, Школата за наука и технологија при Универзитетот во Сараево, Босна и Херцеговина и CERTH – Центарот за истражување и технологија Хелас од Грција.

 

 

Тој во име на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, кое претставува една од двете институции – крајни корисници, заедно со Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), се обрати пред присутните во рамки на двегодишниот меѓународен проект ВЕКТОР.

Имено, Министерството за внатрешни работи заедно со Факултетот за безбедност, преку два организациски ентитета, и тоа: Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам, е активно вклучено во спроведувањето на овој проект, кој започна на 1 јули 2020, а ќе трае до 30 септември 2022 година.

Министерот Спасовски во своето обраќање истакна дека клучен предизвик со кој се соочуваат безбедносните органи е прецизно идентификување на конкретниот предмет, односно  експлозивна направа, проценка и класифицирање на нивото на ризик и добивање совети за постапување како да се дејствува врз основа на посебните спецификации на направата и контекстот во кој се наоѓа заканата.

„Поради тоа, постои потреба за блиска координација на повеќе служби за ефикасно откривање, идентификација и отстранување на сомнителните или познатите закани и обезбедување на околината, што подразбира безбедносна комуникација и споделување информации помеѓу тимовите и на терен и надвор од локацијата. Оваа размена на информации е особено значајна и потребна,” потенцираше министерот Спасовски.

Министерот Спасовски се осврна на фактот дека иако техниките за отстранување на експлозивни направи, како што се далечински управуваните возила за отстранување на бомби, постојано се унапредуваат и осовременуваат, реалноста е дека експертите и опремата не се секогаш достапни за справување со овие ситуации.

 

 

„Сите овие предизвици и опасности се реални денес, и за големите и развиени држави, нашите партнери од НАТО, па и за нас. Токму затоа и МВР преку БЈБ, одлучи да учествува во ВЕКТОР проектот и заедно да придонесат кон креирањето на модерно софтверско решение – алатка за собирање докази, поврзани со инциденти предизвикани од импровизирани експлозивни направи, како и од неексплодирани убојни средства, со што ќе се овозможи скратување на времето за постапување на безбедносните органи и побрзо и поефикасно справување со опасноста”, рече тој.

Притоа, министерот Спасовски изрази увереност дека соработката помеѓу академската заедница и безбедносните институции ќе вроди со најдобри резултати, а меѓудругото посака успех во тестирањето на алатката ВЕКТОР и истакна дека Министерството за внатрешни работи и во следниот период ќе продолжи да биде активен учесник во активностите во рамките на проектот ВЕКТОР, а вработените особено ќе се вклучат и максимално ќе се посветат на практичните аспекти и потребните информации за предложеното софтверско решение.

Учесници на настанот се партнери од конзорциумот на проектот, ИТ специјалисти и учесници од МВР и ДЗС, Факултетот за безбедност – Скопје, директорот на проектот проф. д-р Бабак Акгар. На настанот беше изведен и приказ на ВЕКТОР технологиите и опремата од страна на ВЕКТОР проектен тим, како и подесување на техничките компоненти од страна на УКЛО ФБС, со поддршка од сите технички партнери, а беше спроведена и обука на крајните корисници (МВР, ДЗС и УКЛО ФБС).

Во текот на утрешниот ден, во рамки на активностите на овој проектен настан ќе бидат изведени две посебни сценарија за МВР и за ДЗС, со дрон и без дрон.

Сподели: