Планинска спасителна служба на Водно и Матка

Сподели:

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски заедно со Црвениот крст на Град Скопје го претстави тимот за подготвеност и дејствување при катастрофи, како и проектот за функционирање на Планинската спасителна служба на Водно и обезбедување спасителни интервенции на подрачјето на Кањон Матка.

“Присуствувавме на симулациска вежба за спасување повредено лице во планински услови, каде обучените спасители и парамедици ја демонстрираа својата подготвеност за брза, координирана и професионална реакција.

Кога е загрозен човечки живот, секоја секунда е драгоцена! Токму затоа, преку организирани дежурства ќе се обезбедуваат прва помош, спасување, евакуација и безбеден транспорт на повредени лица”, информираше Ѓорѓиевски.

“Истовремено, ќе се спроведуваат континуирани обуки, тренинзи и симулациски вежби, со кои спасителите ќе ги унапредуваат своите знаења, вештини и оперативна подготвеност за дејствување во различни кризни ситуации. Дополнително, посетителите ќе можат да го измерат крвниот притисок на штандовите кои се наоѓаат на овие места. Нашата цел покрај брза и навремена реакција, е и да превенираме.

Преку едукативни активности ќе ја подигнуваме јавната свест за безбедно движење во природа, превенција од пожари и заштита на животната средина.

За реализација на активностите обезбедивме буџет кој е двојно повисок во споредба со претходната година. Тоа значи повеќе опрема, поголема подготвеност и поквалитетна, навремена и професионална помош за сите на кои им е најпотребна.

Граѓаните кои ќе се најдат во неволја можат да побараат помош на дежурниот телефон: 072/269-876″, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Сподели: