Вести Македонија

ПОЧИНА МАКЕДОНСКАТА РЕЖИСЕРКА БИЛЈАНА ГАРВАНЛИЕВА

Сподели:

5240877219_7d8da2286f_b

Денеска во Берлин, на 43-годишна возраст почина македонската режисерка, сценаристка, драматург и театарски критичар, Билјана Гарванлиева. Со само четири документарни филма (работеше на петтиот) во текот на последните десет години успеа да отиде на бројни фестивали низ светот, да освои бројни награди, да ја претстави Македонија, да зборува за документаристиката, но и да се залага за она во што веруваше.
Во фокусот на нејзините филмови секогаш беа жените за кои таа сметаше дека се исклучително мудри и креативни, но заглавени во стереотипите и традицијата, поради кое го немаат она место што го заслужуваат. Често Гарванлиева умееше да истакне дека сака да ја скрши сликата за жената во македонскиот филм.

Гарванлиева е авторка на документарните филмови „Девојчето со хармоника“, „Девојчето што бере тутун“ за Јуруците во Македонија и „Шивачки“, приказна за три жени кои работат како шивачки за странски фирми во Штип, што во 2010 ја освои главната награда „Срце на Сараево“ на Сараевскиот фестивал. Сите нејзини филмови играа и беа наградувани на бројни светски фестивали. Таа е авторка на сценариото на „Златната петорка“, долгометражното играно деби на Горан Тренчовски, што следната недела ќе го затвори годинашниот фестивал „Браќа Манаки“ во Битола.

Сподели: