Почина проф. д-р Атанас Вангелов – поет, новинар, раскажувач, критичар, есеист

Сподели

 

Денеска на 75 годишна возраст, почина проф. д-р Атанас Вангелов – универзитетски професор, поет, новинар, раскажувач, критичар, есеист, книжевен теоретичар, драмски автор, преведувач и поранешен пратеник во Собранието и поранешен амбасадор на Македонија во Унгарија.

По повод празникот 11 Октомври – Ден на народното востание му беше доделена државната награда “11 Октомври” за животно дело во областа на науката и на образованието.

Роден е во Богданци 1946 година. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Доктор по филолошки науки. Професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Бил претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата. Беше лектор по македонски јазик и литература во Париз, а работеше и како новинар во Радио Скопје.  Член на ДПМ од 1967 година. Едно време беше и директор на Државниот архив на Македонија. Во почетокот на 2000-те беше македонски амбасадор во Унгарија.

Беше извонреден книжевен полемичар со енциклопедиска наобразба. Некогаш во директен судир со многу значајни писателски имиња во Македонија. Последниве години беше и активен колумнист во неколку македонски медиуми.

Автор е на книгите: „Земјата на цветот“ (поезија, 1966), „Препев на планината“ (поезија, 1970), „Мистер“ Порфирие (телевизиска драма, 1971), „Живеалиште“ (поезија, 1974), „Глетки и пивиденија“ (поезија, 1977), „Артизмот и современата македонска поезија“ (студија, 1978), „Решето“ (критики, 1985), „Траги“ (поезија, 1991), „Преписите на Божин Павловски“ (студија, 1992), „Микрочитања“ (критики, 1993), „На безгласје глас“ (поема, 1994), „Морфологија на бо(л)шевизмот“ (студија, 1998) и други дела.

Добитник на наградите: „Млад борец“, „Браќа Миладиновци“, „Божидар Настев“, „Димитар Митрев“, „Златно перо“, „Григор Прличев“, „11 Октомври“.