Почна лидерската средба во Клубот на пратеници

Сподели

Во Клуб на пратеници започна лидерската средба помеѓу лидерите на владејачкото мнозинство и лидерите на опозицијата од македонскиот и албанскиот политички блок.

На средбата присуствуваат премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, лидерот на ДУИ, Али Ахмети со вицепремиерот за економски прашања Бујар Османи, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски придружуван од професорката Татјана Каракамишева, a претставник на албанската опозиција е лидерот на едниот блок на БЕСА, Билал Касами.

Средбата се одржува по барање на Мицкоски кој вчера ја напушти лидерската средба во проширен формат и бараше средба помеѓу најголемите четири политички партии и кој  ја напушти лидерската средба.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ образложи дека тоа е направено поради, како што рече, неделовничкото донесување измени на Изборниот законик за да се избира Државната изборна комисија (ДИК) без опозицијата, како и поради неприсуството на средбата на сите парламентарни партии. Сепак, на средбата остана Социјалистичката партија на Македонија, која повеќе од деценија беше коалициски поврзана со ВМРО-ДПМНЕ.

Пред средбата, претставници на прес-службата на Владата, постигнаа согласност со фоторепортерите, тие да можат да сликаат на старата позиција во Клубот на пратеници каде што пристигнуваат лидерите на партиите, откако вчера им беше забрането фотографирањето.