Почнуваат подготовки за ослободување на дел од капацитетите во ГОБ „8 Септември“

Сподели

 

Министерот за здравство Венко Филипче оствари средба со синдикатот на ГОБ „8 Септември“ и претседателот на самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита – Љубиша Каранфиловски.

На средбата е разговарано по барањето на вработените во болницата, ковид пациентите да останат на првиот каде има централен довод на кислород и инфективното одделение, а другиот дел од болницата да се ослободи и да продолжи да функционира за останататите пациенти.

„Имаат сосема легитимно барање и во овој момент не е тешко, ниту невозможно да се одговори на ова. Барањата се да се ослободи еден од катовите во болницата „8 Септември“, за да може дел од вообичаената работа, особено во делот на кардиологијата да започне да се организира, онака како што беше организирано претходно. Тоа би значело дека од сегашниот број на кревети, помеѓу 70 и 75 и натаму ќе бидат наменети за пациенти со ковид-19, а останатите 20 ќе се ослободат,“ вели Филипче.

Министерот за здравство ги извести вработените на болницата дека во наредните десетина дена ќе почнат подготовките за ослободување на капацитетите на болницата „8 Септември“, со активирање на модуларната болница која располага со капацитет од 72 болнички кревети и целата потребна опрема, а таму е завршено и поставувањето на централниот довод на кислород.