Вести Македонија Ударни вести

Потпишана заедничката Декларација на Самитот на претседатели на парламенти од Западен Балкан

Сподели:

 

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери во Брисел учествува на Самитот на претседатели на парламенти на земјите од Западен Балкан и на Европскиот парламент, кој се организира под покровителство на претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли. 

Самитот, поделен на три дела, во првиот дел опфати дискусија за зајакнување на меѓупарламентарната соработка и иднината на Европа, во вториот дел размена на мислења со координаторите на политичките партии застапени во Европскиот парламент и на крајот, размена на мислења на претседателите на парламентите на шесте држави од Западен Балкан со членовите на работната група за Западен Балкан на Комисијата за надворешна политика во Европскиот парламент.

 

 

Заеднички беше оценето дека организирањето на Самитот покажува дека Европскиот парламент ги гледа земјите од Западен Балкан како партнери и сака да го слушне нивниот глас, дека политиката на проширувањето е една од најсилните и најуспешни политики на Европската унија и дека процесот е двонасочен а придобивките обострани. Учесниците се согласија дека, соработката треба да се интензивира а односите да останат блиски, бидејќи целта е заедничка а тоа е, да се надминат скептицизмот и некои непопустливи ставови, а парламентите да имаат зајакната улога во процесот на евроинтеграција.

Претседателите на парламентите на Република Албанија, на Босна и Херцеговина, на Република Косово, на Црна Гора, на Република Северна Македонија и Република Србија, заедно со претседателот на Европскиот парламент и претседателот на Парламентот на Република Хрватска, како претставник на хрватското претседателство со Советот на Европската унија, усвоија и потпишаа заедничка Декларација, како одраз на заедничките заложби и посветеноста за зајакнување на парламентарната димензија на процесот на проширувањето.

 

 

Европски парламент – Западен Балкан, Самит на претседатели на парламенти, Брисел, 28 јануари 2020 година

ЗАЕДНИЧКА ДЕКЛАРАЦИЈА

Ние, Претседателите на парламентите од Западен Балкан, заедно со Претседателот на Европскиот парламент и Претседателот на хрватскиот Парламент, како претставник на хрватското Претседателството со Советот на ЕУ,

1. Jа потврдуваме клучната улога на парламентите во унапредувањето на реформската агенда за ЕУ и исполнувањето на европските аспирации на луѓето од Западен Балкан;

2. Го повикуваме Европскиот совет да продолжи да ја поддржува европската перспектива на Западен Балкан врз основа на исполнување на критериумите за пристапување и да даде недвосмислена и позитивна политичка порака за започнување на пристапните преговори и за доделување на кандидатски статус;

3. Сметаме дека Самитот во Загреб би можел да има клучна улога во враќањето на кредибилитетот на политиката за проширување и во давањето на нов, ефективен поттик на процесот преку конкретни заклучоци кои би го приближиле регионот до ЕУ и би ја осигурале оддржливоста на европската перспектива на Западен Балкан;

4. Ја потврдуваме целосната посветеност на нашите парламенти да учествуваат во осврнувањето кон „обновениот пристап“ на проширувањето со цел процесот да стане подемократски, потранспарентен и поблизок до граѓаните и граѓанското општество; потврдуваме дека владеењето на правото е – и треба да остане – камен-темелник на процесот на пристапување;

5. Цврсто веруваме дека проширувањето на Европската унија ќе биде корисно за луѓето од Западен Балкан и за луѓето од земјите-членки на ЕУ и може да доведе до помирување во регионот, кое е многу потребно;

6. Сметаме дека, како што подготовките за Конференцијата за иднината на Европа добиваат на интензитет, шесте држави од Западен Балкан треба да бидат целосно поврзани со работата на конференцијата;

7. Целосно сме посветени да работиме заедно за да ја зајакнеме парламентарната демократија и парламентарната димензија на процесот на проширување, како и да ја продлабочиме парламентарната култура заснована на градење на консензус преку добронамерен, отворен, инклузивен и неконфронтирачки дијалог, водени од интересот за долготраен мир; ја нагласуваме важноста на програмите за парламентарна поддршка и градење на капацитети кои се спроведуваат на локално и регионално ниво и кои се поддржани од Европскиот парламент;

8. Веруваме дека зајакнувањето на парламентите претставува суштински дел од процесот на проширување бидејќи само силните и ефикасни парламенти, со силна култура на инклузивен дијалог и градење на консензус можат да бидат вистински и ефикасни двигатели на реформите.

Најпосле, ние, Претседателите на парламентите на шесте земји од Западен Балкан, со целосната поддршка од Претседателот на Европскиот парламент и Претседателот на хрватскиот Парламент, како претставник на хрватското претседателство со Советот на ЕУ, се заложуваме да ги водиме нашите односни парламенти на овој пат и да помогнеме во создавањето на нов политички моментум во процесот на проширување кој одговара на очекувањата на сите наши граѓани.

 

Давид Марија Сасоли – Претседател на Европскиот Парламент, Гордан Јандроковиќ – Претседател на Хрватскиот Парламент, Грамоз Ручи-Претседател на Парламентот на Република Албанија, Денис Звиздиќ – Претседавач на Претставничкиот дом, Парламентарно Собрание на Босна и Херцеговина, Драган Човиќ – Претседавач на Домот на народите, Парламентарно Собрание на Босна и Херцеговина, Глаук Коњуфца –
Претседател на Собранието на Косово, Иван Брајовиќ – Претседател на Парламентот на Црна Гора, Талат Џафери – Претседател на Собранието на Република Северна Македонија, Маја Гојковиќ – Претседател на Народното Собрание на Република Србија.

Сподели: