Вести Македонија Ударни вести

Предлог за полицајци на велосипеди во Центар

Сподели:

По извештајот за работата на полициската станица „Центар“, во кој стои дека бројот на кражби на територијата на општината Центар расте и е зголемен во изминатиот период, советниците од оваа локална самоуправа заедно со претставниците на полициската станица дојдоа до согласност дека е потребно да се зголеми безбедноста на граѓаните. Со оглед на тоа дека  на територијата на општината Центар живеат околу 46 илјади граѓани, а дневната фреквенција е 250-300 илјади граѓани, ваквиот чекор е неопходен.

Советниците од општината Центар побараа враќање на полицајци што ќе патролираат на велосипеди во општината, а сметаат дека тоа е вистински чекор за да се зголеми безбедноста на граѓаните. Градоначалникот на општината Центар, Саша Богдановиќ, рече дека позорникарските служби се договараат во согласност со Министерството за внатрешни работи и полициската станица „Центар“ и дека тие ќе се распоредат на најкритичните локации.

Велосипедите што ќе ги користи полицијата се обезбедени од донација, а од општината Центар велат дека за зголемување на безбедноста во Центар се работи  на осветлување на повеќе локации и се договара вработените во паркинзите да се користат како обезбедување.

Сподели: