Премиерот Заев и министрите ќе одговараат на пратеничките прашања

Сподели

Собранието за денеска напладне ја закажа 23. пленарна седница, на која единствена точка на дневен ред се прашањата што пратениците ќе ѝ ги упатат на Владата.

Премиерот Зоран Заев и министрите денеска за прв пат ќе се соочат со пратенички прашања.

Се очекува седницата да трае два часа, по што во 14 часот ќе продолжи 8. седница, на која на дневен ред, помеѓу другите точки, е именувањето на заменици на генералниот секретар на Собранието, како и изменувањето и дополнувањето на Кривичниот законик.

Редоследот на поставување пратенички прашања го утврдува претседателот на Собранието во договор со координаторите на пратеничките групи, на начин кој ќе обезбеди сооднос два спрема еден во корист на пратениците од пратеничките групи во опозиција и на пратениците во опозиција кои не се организирани во пратеничка група.

Последната седница за поставување пратенички прашања се одржа на 29. септември 2016 година, а на прашања одговараа тогашниот технички премиер Емил Димитриев и министрите од владата на ВМРО-ДПМНЕ.