Претставници на Демократското партнерство на Конгресот на САД во посета на Собранието

Сподели

 

Претставници на Демократското партнерство на Конгресот на САД, при денешната посета на Собранието на РС Македонија, остварија одвоени средби со заменик генералниот секретар Бојан Василевски, претседателот на Собранискиот буџетски совет Горан Мисовски и претседателот на Комисијата за финансирање и буџет, Бојан Стојановски.

 

 

Тема на разговорите беше како да се подобри фискалната контрола и буџетскиот надзор во Република Северна Македонија, а домаќините и гостите разменија и искуства во справувањето со предизвиците за поуспешно реализирање на демократските процеси.

Заменик генералниот секретар, Бојан Василевски, на средбата со гостите од САД, посочи дека една од целите е зајаканување на Парламентот и подигнување на довербата во институцијата. Во таа насока рече дека пред три години започна со работа и парламентарната буџетска канцеларија, која функционира за потребите на сите пратеници. Преку анализи и периодични извештаи се следат економската состојба во државата, странските инвестиции, инфлаторните трендови и влијанието врз потрошувачката кошничка, но и дека секоја година се подготвува анализа на буџетот кој пред секое донесување им се доставува на пратениците.

Претседателот на  Собранискиот буџетски совет, Горан Мисовски, се заблагодари на подршката што САД ја даваат за подигнување на демократијата во државата,  во изминатите години  Тој додаде дека за парламентарното мнозинство нема друга опција освен западната демократија, како што се членството во НАТО и во Европската Унија. Смета дека Република Северна Македонија треба да ја надмине и последната бариера, промена на Уставот со што би се  вметнале Бугарите и другите заедници во преамбулата.

Мисовски вели дека Собранискиот буџетски совет е „срцето“ на Собранието,  бидејќи одлучува за буџетот на институцијата и дека одлуките за проектите кои се во интерес на граѓаните се носат едногласно. Тој нагласи дека со донесувањето на новиот Деловник,  што се подготвува во процесот  „Жан Моне“ ќе се овозможи поголема контрола и  врз собранискиот буџет и врз работата на пратениците.

Претседателот на Комисијата за финансирање и буџет, Бојан Стојановски,  рече финансиските прашања може да се разгледуваат од различни аспекти, ама дека во таа сфера не треба да се внесува политика.

Стојановски рече дека со донесувањето на Законот за буџет за првпат се воведени фискални правила и посочи дека соработката со Парламентарната буџетска канцеларија е на високо ниво со сите пратеници. Од аспект на надзорот, најави дека заедно со НДИ работат за создавање деловнички можности извештатите од Државниот завод за ревизија да се разгледуваат и во Комисијата за финансирање и буџет.

Според поранешната членка на Конгресот на САД, Елизабет Ести, живееме во време на политички поделби и затоа на врвот на секоја демократија треба да е довербата на граѓаните во институциите.  За таа цел парламентот треба да работи на придобивање на поголема  доверба, бидејќи на тој начин ќе се надминат секојдневните предизвици, како што се лажните вести и ограничените технички предизвици. Смета дека клучен  импут за буџетот треба да бидат граѓаните и дека затоа треба навреме да биде слушнат нивниот глас. Најголема доверба, вели, се стекнува со непосредни средби на пратениците со граѓаните, да се слушне нивниот глас , бидејќи целта на демократијата е како да се подобри животот на луѓето.

Поранешниот директор на на Канцеларијта за буџет во Конгресот на САД, Томас Кан, рече дека демократијата мора секојдневно да се учи и дека парламентите се столбот на демократијата, бидејќи се врската со граѓаните.

Претставниците на Демократско партнерство на Конгресот на САД присуствуваа и на презентација на буџетскиот процес и механизмите за надзор во Собранието на Република Северна Македонија и на презентирањето на буџетскиот процес и надзор од контекст на САД, на тема „Механизми и клучни двигатели на ефективен надзор од буџетскиот процес“. 

За време на дводневнатга посета, ќе бидат разменети и искуства со Комсијата за финансирање и буџет, со претседатели на комисии и интерпартиски групи. Темите ќе бидат „Улогата на комисиите во надзорот на буџетот“,  „Важноста на меѓупаратиската соработка во буџетскиот надзор“, Законодавно – извршни односи во буџетскиот процес“, „Надзор на јавните расходи и спроведувањето на владините програми“, „Ангажирање на граѓанското општество во буџетскиот процес и надзор на буџетот“ и „Поставување приоритети и донесување одлуки во буџетскиот процес“.

Во презентациите ќе учествуваат и претседатели на комисии и интерпартиски групи, Парламентарниот институт, Парламентарната буџетска канцеларија, како и советници од работните тела при Собранието на Република Северна Македонија.