Вести Македонија Ударни вести

Презентирани две публикации за безбедноста на новинарите

Сподели:

 

Здружението на новинарите на Македонија денеска промовираше две публикации. Првата се однесуваше на нападите врз новинарите кои се случија во последните пет години и е насловена: „Хроника за (не)безбедноста на новинарите“. Автори на оваа публикација се новинарот Зоран Иванов и адвокатот Игор Марковски. Во оваа публикација беа опишани сите регистрирани напади врз новинарите, а даден е и правен осврт во однос на тоа како новинарите подобро да ги остварат своите права пред институциите на државата.

Втората промовирана публикација носи наслов: „Нападите врз новинарите и медиумските работници на 27 април“. Како што кажува самиот наслов, тема на публикацијата се нападите врз новинарите кои се случија во Собранието на Република Северна Македонија на 27 април. Преку сведоштва на нападнатите новинари и изјави од речиси сите политички чинители авторите Душица Мрѓа, Енис Муртези и Христина Беловска се обидоа да опишат што точно се случи тој „крвав четврток“ во храмот на демократијата. Главната забелешка во публикацијата се однесува на непостапувањето на правосудните органи по однос на нападите врз новинарите, наспроти веќе донесените пресуди за напаѓачите на политичарите.

На промоцијата на публикациите се обрати претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски кој рече дека јавноста, граѓаните и политичките партии треба да разберат дека новинарите не треба и не смеат да бидат напаѓани поради вршење на нивната професија. „Од друга страна, институциите на Северна Македонија, а пред сè правосудните органи треба ги процесуираат тие напади во најбрз можен рок со цел да ги заштитат колегите од идни напади, но и да ја заштитат демократијата во нашата земја“, истакна тој. Чадиковски истакна дека оваа година е забележан позитивен тренд во однос на нападите врз новинарите. „Сепак, идната година ни следат парламентрни избори, а тоа речиси секогаш значи наелектризиран народ, тензична атмосфера во општеството и во јавниот дискурс која често вродува со насилство врз нашите колеги. Апелираме до политичките партии своите битки да ги водат чесно преку одржување на квалитетни дебати, преку подобро презентирање на своите партиски програми, наместо преку улични пресметки и напади врз новинарите и критичката јавност“, рече Чадиковски.

Од друга страна извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски истакна дека ЗНМ нема да се откаже од нерасчистените случаи на напади на новинари и сниматели како и фоторепортери за кои ќе инсистира на судска разрешница. „Во иднина, ќе работиме и понатаму со МВР, ОЈО, судовите но и со народниот правобранител со цел да изградиме институционален систем преку кој ќе се гарантира безбедноста на медиумските работници“ истакна Секуловски.

Сподели: