Пристигнаа 12 мeханички вентилатори донација од Европската Унија

Сподели

 

Амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, г. Самуел Жбогар ги предаде првите 12 мeханички вентилатори на Министерството за здравство за зајакнување на капацитетите на здравствениот систем во борбата со КОВИД-19.

 

 

Исто така, ЕУ обезбеди и 5,000 заштитни маски. Оваа прва испорака е дел од најавената поддршка од Европската Унија во вредност од 4 милиони евра за владата на Северна Македонија за итна набавка на неопходна медицинска опрема и материјали.

„Ова претставува прва пратка од солидарната поддршка од ЕУ наменета за Северна Македонија во борбата со КОВИД-19. Ќе имаме дополнителни испораки во следните недели. Ја поддржуваме и ќе продолжиме да ја поддржуваме земјата и граѓаните во надминување на овој заеднички предизвик“, изјави амбасадорот Жбогар.

 

 

Согласно приоритетите на владата, со поддршка на ЕУ ќе се набават вкупно 20 механички вентилатори, 20 монитори за интензивна нега, 626 сета за 31,300 тестови и близу 40,000 парчиња разна медицинска опрема како кислородни маски, филтри, катетри и други неопходни материјали за потребите на здравствениот сектор. Обезбедените средства, исто така ќе се користат за набавката на навистина потребната заштитна опрема за здравствените работници и тоа 30,000 заштитни маски за лице, 100,000 хируршки маски, 750,000 хируршки ракавици, 20,000 заштитни очила и друга основна заштитна опрема. Оваа претставува најзначајна меѓународна поддршка која државата ја добива во справување со последиците предизвикани од епидемијата на новиот корона вирус.

 

 

„Во оваа прва фаза на проектот, Министерството за здравство доби 12 комплетно нови машини за механичка вентилација, кои ќе бидат ставени на располагање за третман на најкомплексните случаи на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и во ГОБ 8 Септември во Скопје, како и 5,000 заштитни маски FFP2 кои се дел од личната заштитна опрема на здравствените работници“, изјави заменик министерот Арслани.