Притисокот на јавноста ги даде првите резултати – оставка на мајката на Костадинов

Сподели

Пратеникот од СДСМ Костадин Костадинов, кој е и портпарол на владејачката партија, денеска најави дека неговата мајка, која е вработена во Централниот регистар во Струмица, ќе си даде оставка од работното место.

“Иако мојата мајка е вработена на транспарентен оглас, каде што се испочитувани сите законски процедури, јас разговарав со неа и таа ќе се повлече од работното место. Очекувам овој принцип на висок морал да го следат и останатите функционери”, рече Костадинов.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски претходно најави дека луѓето од власта кои се посочуваа за непотизам при вработувањето во државната администрација денеска ќе се повлечат.

“Првите резултати ќе ги видите денеска, но да оставиме тоа да бидат конкретни чекори најавени од самите луѓе во овој процес”, рече Манчевски.

Државната комисија за спречување корупција веќе најави дека ќе ги испитува вработувањата поврзани со 18 функционери.