Продолжува трендот на опаѓање на бројот на нови и на активни случаи на Ковид 19

Сподели

 

Во земјава продолжува трендот на опаѓање на бројот на нови случаи на Ковид 19, како и на бројката на активни случаи на коронавирусот.

Во последните 24 часа од направени 3.148 тестови се регистрирани 370 нови случаи на КОВИД-19, од кои 51 реинфекција. Починати се три лица, а уште седум се пријавени за умрени согласно регистарот од Мој термин, при што кај девет од починатите се регистрирани коморбидитети.

Главниот координативен кризен штаб и Владата треба да се произнесат околу препораката на Комисијата за заразни болести, да се укинат сертификатите задолжителни за влез во моловите, онаму каде што не е задолжително носење на маски. Исто така, и околу препораката за укинување на задолжително поседување негативен ПЦР тест, потврда за прележаност или сертификат за вакцинација при излез од нашата држава, како и укинување на ослободувањето од работа за бремените жени.

За да се подигне имунитетот на популацијата, што би било основа и за натамошно релаксирање на мерките, Комисијата почна и кампања за вакцинирање на луѓето од ризичните групи. Претседателот на Комисијата Александар Петличковски, на прес – конференција неделава, најави дека освен укинувањето на сертификатите за влез во трговските центри, наскоро, во зависност од состојбата ќе има олабавување и на другите рестриктивни мерки.

Пандемијата не е завршена, но трендот е многу добар, смета Петличковски.

Досега во земјата се направени вкупно 1.904.443 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 299.419, бројот на оздравени пациенти е 287.518, на починати е 9.075 а бројот на активни случаи изнесува 2.826.

Во Грција, пак, од вчера е укината мерката за задолжително носење маска на отворено, со што според тамошните здравствени власти, започнува постепеното олабавување на мерките кај нашиот јужен сосед.

– Оценуваме дека до крајот на март ќе бидат укинати поголемиот дел од постоечките рестрикции и ако вака продолжи пандемијата и се потврдат предвидувањата, Велигден и лето ќе бидат многу блиску до нормалата за вакцинираните, рече министерот за здравство Танос Плеврис, истакнувајќи дека сепак, рестрикциите и ограничувањата за невакцинираните ќе останат непроменети.

Во рамките на постепеното олабавување на мерките, за десет дена, односно од 15 март 2022 година ќе се укине и формуларот PLF (Passenger Locator Form) за патување во Грција, што веќе 20 месеци е задолжителен за влез во земјата, без разлика дали станува збор за грчки државјани или странски туристи.

Во однос на ситуацијата со Ковид-19 во Грција, од почетокот на месецов, во просек имаше по 16.000 новозаразени и по 57 смртни случаи дневно, додека пак вкупно, од почетокот на пандемијата, регистрирани се 2.486.262 случаи и 26.092 починати лица.