Пуштен е првиот воз за Куманово, ќе се патува за 41 минута

Сподели

Денеска тргнува првиот воз за Куманово и воз ќе има два пати дневно. Дополнително за само шест месеци од нула локомотиви, на пругите успеваме да ставиме дури 14 локомотиви и возови. Имаме преку 75 % зголемување на товарниот транспорт, истакна вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

Тој заедно  со менаџментот на Железници Транспорт извршија обиколка на погоните каде се репарираат и останатите локомотиви на Железница.  

“Денеска тргнува првиот воз од Скопје до Куманово. Тоа го ветивме на отворањето на железничката пруга Куманово – Бељаковце и еве од денеска во 16 часот и 30 минути ќе тргне првиот воз. Патувањето ќе трае 41 минута, два пати дневно ќе оперира и тоа наутро во 6 и 30 ќе тргнува од Куманово и истиот воз назад ќе се враќа кон Куманово. Ќе имаме 4 возoви дневно со што ќе се согласите многу ќе ја олесни комуникацијата меѓу двата града и жителите на Скопје и Куманово ќе имаат можност полесно да доаѓаат дали за работа, дали за образование, за здравство или за било што друго. Тоа ќе го намали загадувањето, ќе ја намали гужвата и најважно од се граѓаните ќе знаат точно кога ќе пристигнат со цел да си ги завршуваат своите работи на време. Исто така во одредени денови возот ќе оди и до Бељаковце, а од следната година кога ќе се изгради пругата до Крива Паланка ќе оперира и до Крива Паланка ”- истакна вицепремиерот Николоски.  
Тој потенцираше дека од јуни со преземањето на власта, направено е огромно реструктуирање на претпријатието, каде од нула локомотиви за само неколку месеци со посветена работа, ставени се во функција 14 локомотиви и возови. 
Тој најави дека предизвик за следниот период е да се пуштат возови и до Тетово и Гостивар, линијата до Кичево како и до  Штип и Кочани.