Вести Македонија Ударни вести

Расправа за Годишниот извештај на ЕК за РС Македонија

Сподели:

 

Претседателот и членовите на Комисијата за европски прашања на Собранието, на денешната 44-та седница, заедно со Националниот совет за евроинтеграции, расправаа за Годишниот извештај  на Европската комисија за Северна Македонија за 2022 година.

На седницата воведни обраќања имаа заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за европски прашања, г. Бојан Маричиќ и Шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, евроамбасадорот Дејвид Гир.

 

 

Вицепремиерот Маричиќ ја поздрави оценката за добро ниво на подготвеност на земјата во Извештајот, при што информира дека земјата на 11 ноември ќе го започне скринингот по првиот кластер “Темелни вредности”. Ја истакна важноста на кохезијата на Собранието, Бизнис заедницата и на граѓанското општество во реализацијата на европските реформи, и појасни дека Владата ја ревидира Националната програма за усвојување на европското законодавство НПАА, која ќе биде основата за нашите преговарачки позиции.

 Евроамбасадорот Гир, информира генерално за напредокот на земјата во изминатата година. Притоа,истакна дека потребно е да се постигне оддржлив развој на ЕУ реформите, за што ја потенцира важноста и улогата на обучена и стручна административна поддршка. Осврнувајќи се на работата на Собранието,укажа дека треба да продолжи реализацијата на договореното од Третата рунда на Жан Моне процесот, како и да се подобри парламентарната контрола над разузнавачките служби.

Претседателот на Комисијата, Арбер Адеми, изрази задоволство што во Извештајот има “позитивен тон”, бидејќи генерално, по скоро сите поглавја,оценката е дека земјава е умерено подготвена. Притоа, изрази уверување дека со политичка волја ќе ги стигнеме другите земји, кои веќе преговараат затоа што имаме  политички консензус за нашата европска иднина. Адеми истакна дека имаме и компаративна предност поради дваесет годишното искуство на имплементација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, која што ни донесе понапредна усогласеност со европското законодавство.

Во расправата учествуваа пратениците: Антонио Милошоски, Гордана Сиљановска Давкова, Снежана Калеска Ванчева, Рина Ајадари, Халил Снопче, Соња Мираковска, Жаклина Пешевска, како и претставниците во Националниот совет за евроинтеграции г. Антони Пешев и Неби Хоџа.

Во нивните дискусии беа искажани мислења и ставови по однос  на Извештајот, при што се истакна дека Извештајот претставува  патоказ, по кој би требало земјата да оди во наредната година. Во тој контекст,се нагласи потребата за подобрување на работата на Собранието,преку изготвување на собраниски календар, по кој Собранието ќе го усогласува европското законодавство. За таа цел, беше речено, дека по примерот на Хрватска, потребен е партиски консензус за ЕУ прашањата. Најавата на вицепремиерот  Маричиќ дека се подготвува Спогодба  за соработка меѓу  Владата и Собранието,беше поздравена од страна на пратениците.

Сподели: