Вести Македонија Ударни вести

Регионална конференција „Предизвици со кои се соочуваат жените и девојчињата во регионот на патот кон ЕУ”

Сподели:

 

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, беше дел од завршната регионална конференција насловена „Предизвици со кои се соочуваат жените и девојчињата во регионот на патот кон ЕУ”, во организација на Министерството за труд и социјална политика, како дел од караванот за ментално и економско зајакнување на жените кон комплетна родова благосостојба „Гласна и храбра”, а реализирана во дводневни панел дискусии. Министерот Спасовски свое обраќање имаше на панел дискусијата насловена „Жени во униформа – борба на два фронта“.

 

„Политиките на родова еднаквост, гледано на глобално и национално рамниште, станаа дел од низа нови законски решенија и други правни акти, наметнувајќи се и како примарни вредносни начела во самиот темел на демократскиот развој на општествата. Конкретно, низ призмата на родовата еднаквост, вклучително и околу принципот на застапеност на жената во полицискиот систем на МВР, направен е објективен и проверлив прогрес. Напредокот на имплементацијата од овој аспект секогаш може и треба да биде подинамичен, особено ако се има предвид дека се креирани сите потребни нормативни и професионални претпоставки”, рече министерот Спасовски, нагласувајќи дека токму во поглед на родовата рамноправност и правичната застапеност, во последниве неколку години многу работи се придвижија во МВР.

Тој истакна дека од година во година се зголемува бројот на жени кои се на раководни позиции, не само во рамки на МВР, туку и во делот на работењето на Бирото за јавна безбедност.

 

„Имаме колешки кои се раководителки на Оддели, помошници директорки, началнички, командирки на полициски станици или на полициски одделенија. Сега веќе со гордост зборуваме за вклученост на жени во Одделот за специјални полициски операции, поточно во Единицата за брзо распоредување, Единицата за интервентна полиција, Специјалната антитерористичка единица Тигар и Хеликоптерската единица, што порано не беше случај. Со забрзана динамика ќе продолжиме да ги подобруваме условите подеднакво за сите вработени, како што тоа го направивме со новиот Колективен договор, кој содржи мерки, кои иако не се насочени само на жените – во голем степен придонесуваат  за економска самостојност и социјална рамноправност на жените”, подвлече министерот Спасовски, изразувајќи ја подготвеноста на ова раководство на МВР со заеднички заложби и учество во овие процеси да се зајакне општеството на еднакви граѓани и граѓанки по сите основи.

Од страна на министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, во поздравното обраќање во име на организаторот на регионалната конференција, беше истакнато дека со поддршка на Канцеларијата на UN Women во земјава, реализирани се бројни панел дискусии и работилници, со цел непосредно, низ разговор, да се слушнат предизвиците на жените денес.

 „Поаѓајќи од тоа дека за правата и заштитата на правата на девојките и жените не треба да се зборува само еден ден во годината- 8 Март, заедно со мојот тим и вработените во секторот еднакви можности во Министерството, одлучивме дека цел месец март ќе го посветиме на подигање на свеста за предизвиците со кои се соочуваат жените и девојките во нашето општество преку гласно и јавно зборување. Преку кампањата на Министерството за труд и социјална политика „Гласна и храбра“, а со поддршка на Канцеларијата на UN Women во земјава, реализиравме бројни панел дискусии и работилници, разговаравме со различни целни групи, посетивме многу населени места. Нашата цел беше, непосредно низ разговор  да ги слушнеме предизвиците на жените денес, да слушнеме кои се нивните потреби, приоритети и сугестии, а во насока истите да станат важен влог при креирањето на политиките, стратегиите, програмите и мерките за унапредување на квалитетот на живот на сите граѓани, “ истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Сподели: