Регионална конференција „Улогата на жените во одржувањето на мирот и безбедноста“

Сподели

 

Регионалната конференција „Улога на жената во сочувувањето на мирот и безбедноста – Резолуција 1325 – Основа за акција“ денеска и утре ќе се одржи во Скопје во организација на НЕКСУС Граѓански концепт, Институтот за родови студии при филозофскиот факултет УКИМ во Скопје, НАТО Јавна дипломатија од Брисел и ЦИВИКА Мобилитас.

Воведен збор на Конференцијата ќе имаат Радмила Шеќеринска, потпретседател на Влада на Р.С. Македонија и министерка на министерството за одбрана, Рената Тренеска Дескоска, министерка на министерството за правда, Мила Царовска, министерка на министерството за труд и социјална политика, Clare Hutchinson, специјална претставничка на генералниот секретар на НАТО за жени, мир и безбедност, полковник  Зоран Јанкович, шеф на НАТО канцеларијата за врски во Скопје и Кејт Мари Бирнс, Амбасадор на Американската Амбасада во Р. С. Македонија.

“Улогата на жената во современо општество станува се понагласена и тоа во сите сегменти на живеењето. Еден од нив е и одбрана и безбедност.

Во 2000 година Советот за безбедност на Обединетите нации ја усвои Резолуцијата 1325, на која денеска и утре ќе посветиме посебно внимание. Тоа е прва Резолуција на ОН со која и формално се нагласува важноста на улогата на  жената и нејзиното рамноправно учество во одбраната, или во спречување и решавање на конфликтите, те. во изградба на одржлив мир.

Накратко за важноста на овој документ. Со Резолуцијата се повикуваат државите членки да обезбeдат поголемо присуство на жените во донесување на одлуките и тоа на сите нивоа во процесот на одлучување. Прво, тоа е важно за  перспективата за рамноправност на половите во секторот одбрана и безбедност. Второ, тоа е важно и за поголема заштита и почитување на човековите права на жените, како во воени судири, така и во процесите на постигнување мир и безбедност.

Улогата на жените во сите сфери на општеството во Р.С.Македонија е значајна, а активностите за нивно учество во истите се се’ позасилени.

Активната улога на жените, во креирањето и реализирањето на безбедносната политика на државава, е еден од аспектите кој води кон реализација на родово свесна политика.

Токму ова воспоставување на родово свесна безбедносна политика произлегува од потребата да се одговори на, за жал, присутните предизвици кои ја подриваат положбата на жените.

Р.С.Македонија е на прагот на НАТО. Практикување на родово свесна безбедносна политика, дополнително, ќе ја направи државата кредибилен партнер во активностите во рамки на Алијансата, Европската унија, Советот на Европа, ОБСЕ и Обединетите нации” – Афродита Муслиу,  Претседателка на НЕКСУС Граѓански концепт.