Преговорите за реконструкција во владата се во тек

Сподели

Премиерот Зоран Заев најави дека кон средината на следниот месец ќе се случат првите промени во извршната власт, без да прецизира дали „новиот бран“ промени ќе биде во Владата или во пониските ешалони на власта. Рече дека знае кои лица би ги поставил на местата што ќе бидат испразнети во Владата и други државни институции и дека веќе разговара со некои од нив.

„Веќе разговарам, особено со нови луѓе, кои треба да дојдат на позиции што ќе бидат променети и испразнети. Разговорите течат. Секое слободно време го користам за да разговарам со тие луѓе за да можам да потврдам дека се нафаќаат и прифаќаат да ја работат таа работа, така што верувам дека ќе стигнам не подоцна од крајот на првата половина на јуни“, изјави вчера Заев.

Тој истакна и дека партнерските односи со ДУИ се стабилни, довербата меѓу него и лидерот на партијата Али Ахмети е голема. Според него, свесни се оти имаат одредени слаби кадри во нивните редови и затоа и зборуваат за промените и тие се случуваат.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, кој со најавената реконструкција на Владата ќе ја напушти функција откако неодамна беше поставен за генерален секретар на СДСМ, изјави дека кадровската смена нема да се одрази на реформите и активностите во ресорот.

Неговото конечното повлекување од министерската функција, како што истакна,зависи од тоа кога мандатарот ќе ги заврши преговорите по однос на другите министерства.

Додека премиерот, во координација со коалициските партии, подготвува терен за кадровската реконструкција на извршната власт, во општинските организации на СДСМ во полн ек е постапката за предлагање и самокандидирање за избор на нови претседатели на 78 општински организации. Исто така, веќе се прават консултации и  за  именување нови членови на најтесното партиско раководство, односно потпретседатели, организациски и меѓународен секретар, претседателка на Форумот на жени и подновен состав на Извршниот одбор.