Вести Македонија Ударни вести

Рецепт лажно атрибуиран на Жан Митрев како лек за канцер

Сподели:

 

Овој рецепт повеќе години се шири на интернет на различни портали, ама не му е атрибуиран на доктор Жан Митрев, како што тоа се прави во постот што го рецензираме, туку на извесен доктор Христо Мермерски и нема докази дека истиот штити од канцер, пишува вистиномер.мк

Рецензираме пост на Фејсбук, реобјавен на 28 јануари 2022 година, а кој всушност претставува медиумски напис, во кој се тврди дека доктор Жан Митрев, познатиот македонски кардиохирург, препорачувал извесен рецепт како заштита од канцер.

Текстот е стар, објавен на 7 март 2021 година, меѓутоа речиси и една година подоцна, повторно се споделува на Фејсбук страницата на медиумот како да станува збор за нова содржина.

Текстот е измислица за да се придобие читаност и кредибилитет со злоупотреба на хирургот Жан Митрев. Освен во насловот и злоупотребената фотографија, во текстот никаде не се споменува дека доктор Митрев е изумител на таканаречениот чудотворен лек. На ваков клик бејт начин, со насловот се прави обид да се намамат што повеќе луѓе да кликнат на содржината и што поголем интернет сообраќај да почне да се упатува токму на оваа содржина.

Во текстот пишува дека рецептот наводно штити од инфаркт, ги прочистува крвните садови, го подобрува имунитетот, го одржува срцето, го чисти црниот дроб и се смета дека помага при лекување од рак. Станува збор за мешавина од 15 лимони, 12 главици лук, 1 килограм мед, 400 грама пченични никулци и 400 грама орев. Овој рецепт повеќе години се шири на интернет на различни портали, ама не му е атрибуиран на доктор Жан Митрев, како што тоа се прави во постот кој го рецензираме, туку на извесен доктор Христо Мермерски.

Директорот на Универзитетската Клиника за радиотерапија и онкологија доктор Нино Васев, за конкретната мешавина рече дека не претставува никаков лек за рак.

Ми е жал кога ќе прочитам вакво нешто. Првпат слушам, би сакал следниот пат некој таканаречен научник да каже дека гледање во снег ќе нè направи бели во лицето. Нема никаква научна потврда дека исхрана лекува рак,  ни изјави доктор Васев.

Наводниот рецепт го пронајдовме во книгата на Христо Мермерски објавена на англиски јазик и достапна на Киндл.

Не постојат никакви докази дека оваа мешавина делува во лекување на било каков тип на рак. Официјалните медицински наративи се дека храна не лекува од канцер, иако сите треба да се хранат здраво и да се превенира појавата на канцерот, а истото е нотирано и во странски написи.

Објавувањето на текстови со ваков наратив претставуваат неодговорно новинарство, бидејќи пациентите болни од канцер може да ги наведе да се откажат од традиционалните методи на медицината, меѓу кои хемотерапија и да ги упати да се потпрат исклучиво на алтернативните недокажани рецепти.

Американскиот институт за истражување канцер на својот сајт објавува дека ниту еден вид храна не може да заштити од рак, а Националната академија на науки пишува дека единствено здравата исхрана нема да го победи ракот.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека рецептот со ореви, лук, лимони и пченични никулци не е препорачан од Жан Митрев, туку од Христо Мермерски и дека не е точно дека овој рецепт може да лекува канцер, исто како што ниту еден канцер не може да се лекува со храна, иако е препорачливо сите да се храниме здраво.

Сподели: