Риши Сунак денеска и официјално ќе стане нов британски премиер

Сподели

 

Новиот лидер на Конзервативната партија, Риши Сунак, денеска ќе стане британски премиер.

Владата го објави денешниот распоред, според кој премиерката во заминување Лиз Трас во 9 часот по локално време ќе го има својот последен настап со кабинетот, по што треба да одржи говор пред Даунинг стрит 10, јави Би-би-си.

Потоа, во 10:15 часот по локално време, Трас ќе замине во Бакингемската палата на последна аудиенција кај кралот Чарлс III, каде и формално ќе поднесе оставка.

Како нов лидер на Конзервативната партија, Сунак потоа ќе замине во Бакингемската палата на својата прва аудиенција кај кралот Чарлс III, каде што ќе биде официјално побарано да формира влада.

Новиот премиер потоа ќе одржи говор пред Даунинг стрит, што е планиран за околу 11:35 часот по локално време.

Риши Сунак ќе биде 57. премиер на Велика Британија и првиот британски премиер со азиско потекло и најмладиот премиер во повеќе од 200 години.

Во споредба со неговите претходници, според анализата на „Би-би-си“, тој има најбрзорастечка кариера од пратеник до премиер во модерната историја. Од денот кога стана пратеник, до доаѓањето на премиерската функција поминаа само седум години. До неа тој доаѓа од вториот обид.

Пред да дојде до државна функција тој работел за познатата инвестициска банка „Голдман Сакс“, како и во два хеџ-фонда – посебен вид инвестициски фонд кој ги инвестира парите на богатите поединци и организации. Негова сопруга е Акшата Мурти, ќерка на индискиот милијардер Нарајана Мурти. Имајќи ја предвид „нивната заедничка тежина“, парот се проценува дека „тежи“ 730 милиони фунти (околу 840 милиони евра). Со тоа, тој е и еден од најбогатите премиери што некогаш ги имала Велика Британија.