РСБСП: „На матурска прослава без автомобил”

Сподели:

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), во рамки на кампањите за зголемување на безбедноста во сообраќајот, започна со реализација на кампањата за поголема безбедност на младите во сообраќајот – посветена на матурантите, под мотото „На матурска прослава без автомобил!“

Кампањата има за цел да испрати силна порака до младите – да не седнуваат зад воланот на матурската прослава доколку консумирале алкохол, туку да користат јавен превоз, такси или превоз од лица кои не консумирале алкохол, одосно да не управуваат со возило.

Претседателот на РСБСП, м-р Горан Ангеловски, нагласи дека матурските прослави се свечен чин за сеќавање со кој се заокружува еден дел од образованието на секој матурант и целта на оваа кампања е да се укаже младите да не управуваат со моторни возила ако консумираат алкохол.

„За време на матурските прослави не треба да консумирате алкохол и да управувате со моторно возило, односно треба да направите матурските прослави да Ви бидат чин кој ќе го паметите целиот живот. Да не дозволиме некое несовесно и неодговорно однесување во сообраќајот да заврши со трагичен крај – апелираше Ангеловски“

Кампањата ќе продолжи со низа активности, кои ќе се реализираат во средните училишта во Македонија.

Сподели: